Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали пцуењето навистина е толку лошо?

Дали пцуењето навистина е толку лошо?

„Толку сум навикнат да слушам пцовки што веќе не ме вознемирува. Ми изгледа нормално“ (Кристофер, 17).

„Кога бев помлада, многу пцуев. На тоа можеш многу лесно да се навикнеш, а многу е тешко да се одвикнеш“ (Ребека, 19).

 Квиз

  •   Како се чувствуваш кога ќе ги чуеш другите како пцујат?

    •  Не ни приметувам. Тоа ми звучи нормално.

    •  Понекогаш ми смета, но немам ништо против тоа.

    •  Тоа ми е одвратно. Не можам да слушам такво нешто.

  •   Колку често ти пцуеш?

    •  Никогаш

    •  Понекогаш

    •  Често

  •   Што мислиш, дали пцуењето е сериозен проблем?

    •  Не баш

    •  Да, многу

 Зошто е важно

 Дали пцуењето е сериозна работа? Можеби ќе речеш: „Не баш. На крајот на краиштата, има и поголеми проблеми во светот. Освен тоа, сите пцујат!“ Но дали навистина е така?

 Верувал или не, има многу луѓе кои не користат погрден говор и тие имаат добри причини за тоа. Еве некои од нив:

  •  Пцуењето кажува многу за тебе. Твојот говор открива каков си навистина. Кога користиш погрден говор, тоа може да е показател дека не ти е грижа за чувствата на другите. Дали навистина си таков?

     Библијата вели: „Она што излегува од устата, излегува од срцето“ (Матеј 15:18).

    Погрдниот говор е како загаден воздух. Не ги изложувај другите, а и себе на тоа

  •  Ако пцуеш, другите може да имаат лошо мислење за тебе. Во книгата Cuss Control пишува: „Начинот на кој зборуваме одредува кои ќе ни бидат пријатели, колку нашите роднини и колеги ќе нѐ почитуваат, какви ќе бидат нашите пријателства, колкаво влијание ќе имаме врз другите, дали ќе добиеме некоја работа или унапредување и какво мислење за нас ќе имаат луѓето кои не нѐ познаваат“. Исто така пишува: „Размисли дали твојот однос со другите можеби би бил подобар доколку не пцуеш“.

     Библијата вели: „Нека се отстрани од вас... навредлив говор“ (Ефешаните 4:31).

  •  Пцуењето не е толку кул како што си мислиш. Во својата книга How Rude! д-р Алекс Пакер наведува: „Заморно е да ги слушаш луѓето што постојано пцујат“. Тој додава дека вулгарниот говор „не остава многу простор да се изрази разбирање, хумор, интелигенција или сочувство. Ако твојот говор е немарен, нејасен и некреативен, таков е и твојот ум“.

     Библијата вели: „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста“ (Ефешаните 4:29).

 Што можеш да правиш

  •  Постави си цел. Обиди се еден месец или помалку да не користиш вулгарен говор. Запишувај го својот напредок во некоја табела или календар. Но за да ја постигнеш целта, можеби ќе треба да направиш уште нешто. На пример:

  •  Избегнувај забава што го полни твојот ум со вулгарен јазик. Библијата вели: „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33). „Друштво“ не се однесува само на луѓе туку и на забава — филмовите што ги гледаш, видеоигрите што ги играш и музиката што ја слушаш. Кенет, кој има 17 години, вели: „Многу е лесно да си потпевнуваш некоја песна што ти се допаѓа и потполно да го игнорираш фактот дека во неа има пцуење — само затоа што има добар ритам“.

  •  Покажи дека си зрел. Некои луѓе користат вулгарен јазик бидејќи мислат дека така изгледаат повозрасни. Но тоа воопшто не е точно. Зрели се оние „чија моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“, вели Библијата (Евреите 5:14). Тие не ги спуштаат своите мерила само за да ги „импресионираат“ другите.

 Навистина, погрдниот говор го загадува твојот ум, а и умот на другите, со непристојни мисли. Во светот веќе има премногу луѓе што користат таков говор! Cuss Control препорачува: „Немој и ти да бидеш еден од нив... Дај сѐ од себе во твоите разговори да користиш пристојни зборови. Така и самиот ќе се чувствуваш подобро, а и на другите луѓе ќе им биде пријатно со тебе“.