Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како да ја победам срамежливоста?

Како да ја победам срамежливоста?

 Лоша вест: Срамежливоста може да те спречи да стекнеш прекрасни пријателства и искуства.

 Добра вест: Срамежливоста не е секогаш лоша. Може да ти помогне да размислиш пред да кажеш нешто и подобро да набљудуваш и да слушаш.

 Подобра вест: Ако сега си срамежлив, не значи дека секогаш ќе бидеш таков. Ти можеш да ја контролираш таа особина. Од оваа статија ќе дознаеш како.

 Дефинирај ги своите стравови

 Поради срамежливоста можеби те фаќа паника од самата помисла да зборуваш со некого лице в лице. Но ако ги дефинираш своите стравови, можеби ќе сфатиш дека се неосновани. Размисли за следниве три примери.

  •   Страв бр. 1: „Не знам за што да зборувам.“

     Факт: Луѓето повеќе се сеќаваат како се чувствувале во твое друштво отколку што си кажал. Можеш да го држиш стравот под контрола така што ќе станеш вешт во тоа да ги слушаш другите и искрено да бидеш заинтересиран за она што сакаат да го кажат.

     Размисли: Каков пријател би избрал ти — некој што зборува како навиен или некој што знае добро да слуша?

  •   Страв бр. 2: „Луѓето ќе мислат дека сум досаден.“

     Факт: Луѓето ќе стекнат некакво мислење за тебе сеедно дали си срамежлив или не. Можеш да го држиш стравот под контрола и да им помогнеш на другите да стекнат подобро мислење за тебе така што ќе им дозволиш да те запознаат каков си навистина.

     Размисли: Ако сметаш дека сите имаат негативно мислење за тебе, дали можеби ти си оној што погрешно ги проценува другите со тоа што носиш заклучок дека не им се допаѓаш?

  •   Страв бр. 3: „Ќе се посрамам ако кажам нешто погрешно.“

     Факт: На секого му се случува тоа понекогаш. Можеш да го држиш стравот под контрола така што ќе гледаш на таквите грешки како на можност да им покажеш на другите дека не се сфаќаш пресериозно.

     Размисли: Зарем не уживаш во друштво на луѓе кои признаваат дека не се совршени?

 Дали си знаел? Некои мислат дека не се срамежливи затоа што постојано се допишуваат со други. Но искрени пријателства полесно се склопуваат кога разговараш со луѓето лице в лице. Шери Таркл, психолог и стручњак на полето на технологијата, напишала: „Вистински можеме да се поврземе со другите само кога им го гледаме лицето и им го слушаме гласот“. a

Ако научиш да ги држиш своите стравови под контрола, ќе видиш дека не е толку страшно да разговараш со другите лице в лице како што си мислел претходно

 Што можеш да правиш

  •   Не се споредувај. Не мораш да станеш екстроверт. Наместо тоа, твоја цел може да биде да ја држиш срамежливоста под контрола за да не те спречи да стекнеш прекрасни пријателства и искуства.

     „Разговорите не мора да бидат долги и не мора да бидеш во центарот на вниманието. Само запознај се со некого или постави неколку едноставни прашања“ (Алисија).

     Библиско начело: „Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе, а не споредувајќи се со други“ (Галатите 6:4).

  •   Набљудувај. Посматрај ги оние кои се друштвени и забележи како тие разговараат со другите. Што помага? Што да избегнуваш? Која пожелна вештина што ја имаат би сакал ти да ја стекнеш?

     „Набљудувај ги луѓето кои лесно стекнуваат пријатели и учи од нив. Забележи како постапуваат и што кажуваат кога ќе сретнат некого за прв пат“ (Арон).

     Библиско начело: „Железо со железо се остри. Така човекот го остри лицето на друг човек“ (Изреки 27:17).

  •   Поставувај прашања. Луѓето обично сакаат да си го кажат мислењето, затоа добар начин да започнеш разговор со нив е да им поставуваш прашања. Така ќе го тргнеш фокусот од себе.

     „Тоа што ќе се подготвиш однапред ќе ти помогне да ја намалиш анксиозноста. Пред некое дружење можеш дури и да размислиш за неколку теми или прашања, и така нема да ти биде толку стресно да запознаеш нови луѓе“ (Алана).

     Библиско начело: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4).

a Од книгата Reclaiming Conversation.