МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?
Пријателите те канат на забава овој викенд. Ги прашуваш родителите дали може да одиш, но тие одлучно ти велат „не“. Не си изненаден. И претходниот пат ти одговорија така.
Во оваа статија
Зошто моите родители секогаш велат не?
Ако ти се чини дека твоите родители, што и да побараш, секогаш ти велат не, можеби си мислиш дека тие не сакаат да се забавуваш.
Една тинејџерка по име Мери се чувствувала така кога го добила својот прв телефон. Таа вели: „Татко ми ми постави многу правила за тоа кои апликации смеам да ги преземам, со кои луѓе можам да комуницирам и колку доцна можам да зборувам со нив. А моите другарки можеа да прават што сакаат!“
Размисли: Дали таткото на Мери навистина не сакал таа да се забавува? За што можеби бил загрижен тој?
Пробај го следново: Замисли дека ти си родител и дека имаш тинејџер кој штотуку добил телефон. За што ти би бил загрижен? Кои правила ти би му ги поставил за да го заштитиш? Што би рекол ти ако твојот тинејџер ти каже дека не сакаш тој да се забавува?
„Татко ми секогаш велеше: ’Пробај да се ставиш на мое место‘. Тоа ми помогна да увидам не само колку ми користат неговите правила туку и зошто ми ги поставува. Да имам деца, мислам дека би го очекувала од нив истото што татко ми го очекува од мене“ (Тања).
Што да направам за моите родители да кажат да?
„Со викање не се постигнува ништо. Тоа само емоционално ќе те исцрпи и тебе и твоите родители. Ако се расправаш, твоите родители ќе сметаат дека си незрел и дека не заслужуваш поголема слобода“ (Ричард).
„Обично зад секое правило стојат добри намери. Моите родители не сакаат да ме спречат да се забавувам, туку сакаат да ја изберам најдобрата забава — забава поради која нема да зажалам ни да западнам во проблеми“ (Ајви).
Библиско начело: „Безумникот го излева сиот свој гнев, а оној што е мудар, останува мирен до крајот“ (Изреки 29:11).
„Се обидував скришно да ги прекршам правилата што ми ги постави татко ми во врска со тоа како го користам телефонот. Пробував да најдам начини да се допишувам со другарките доцна во ноќта или да преземам апликации кои татко ми ми ги забрани. По некое време, ќе дознаеше и ќе ми поставеше построги правила зашто веќе немаше доверба во мене. Воопшто не е паметно да се обидуваш скришно да ги прекршиш правилата“ (Мери).
„Биди стрплив. Можеби ќе треба време за твоите родители да променат некое правило, но ако видат дека ги почитуваш правилата што ти ги поставиле, можеби ќе бидат спремни да ти дадат поголема слобода“ (Мелинда).
Библиско начело: „Слушајте ги своите родители во сѐ“ (Колошаните 3:20).
„Тоа што ќе инсистираш нема да ги подобри работите и нема да ти помогне да го добиеш она што го сакаш“ (Натали).
„Родителите сакаат да видат дека добро ги проценуваш работите. Затоа, кога разговарам со моите родители за некое правило, се обидувам да им наведам логични аргументи, наместо да се водам по емоции. Кога го правам тоа, имам повеќе успех“ (Џозеф).
Библиско начело: „Почитувај ги татка си и мајка си“ (Ефешаните 6:2).