Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Романтична врска — Дел 2: Што да очекувам кога ќе почнам врска?

Романтична врска — Дел 2: Што да очекувам кога ќе почнам врска?

 Ти се допаѓа некој и заедно двајцата решавате да почнете врска за да видите дали ќе си одговарате како брачни другари. Што треба да очекуваш од врската?

Во оваа статија

 Очекувај отворено да разговарате

 Колку повеќе време поминувате заедно толку повеќе ќе дознавате еден за друг. Некои работи ќе ги дознаеш ако набљудуваш како се однесува оној со кого си во врска.

 Меѓутоа, има некои работи за кои ќе треба отворено да разговарате. Во тие прилики, труди се да задржиш објективно гледиште и не дозволувај чувствата да влијаат врз твоите одлуки.

 Некои теми за кои треба да зборувате:

  •   Финансии. Дали имаш некој долг? Дали ти е тешко да се контролираш колку трошиш? Ако се земете, како ќе донесувате одлуки во врска со приходите и трошоците?

  •   Здравје. Дали си во добра здравствена состојба? Дали порано си имал некои сериозни здравствени проблеми?

  •   Цели. Што сакаш да постигнеш во животот? Дали имаш слични цели со оној со кого си во врска? Откако ќе се земете, дали ќе ја задржиш радоста ако поради околностите не можете да ги остварите тие цели?

  •   Семејство. Дали во моментов имаш некои семејни обврски? Дали во иднина може да ти се појават некои семејни обврски? Дали сакате да имате деца? Ако да, колку?

 Кога разговарате за вакви теми, бидете потполно отворени и искрени. Немој да испушташ ниту да извртуваш факти само за да оставиш добар впечаток (Евреите 13:18).

 Размисли: Што треба да знаеш за оној со кого си во врска? Што треба тој да знае за тебе? Како тоа што сега ќе бидете отворени ќе ви помогне да имате подобра комуникација подоцна ако решите да се земете?

 Библиско начело: „Зборувајте ја вистината“ (Ефешаните 4:25).

 „Девојката можеби си мисли ’За шест месеци сигурно ќе ме запроси‘, а дечкото можеби мисли дека треба да почекаат една година. Во таква ситуација, девојката може да се разочара и да се почувствува повредено затоа што очекувала работите да течат побрзо. Многу е важно и двајцата да бидат на иста бранова должина“ (Аријана, една година во брак).

 Очекувај дека ќе имате различни гледишта

 Не постојат две исти личности. Затоа немој да си мислиш дека вие двајца ќе се согласувате за сѐ и дека ќе имате исто мислење за сѐ. Врз вашите гледишта влијаат разни фактори, како што се културата и воспитувањето.

 Размисли: Кога имате различни гледишта за некои не толку важни работи, дали и двајцата сте спремни да попуштите за да има мир, се разбира доколку не се прекршуваат библиски начела?

 Библиско начело: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5).

 „Колку и да си мислиш дека сте ’родени еден за друг‘, факт е дека ќе дојде и до несогласувања. Иако е важно да си одговарате, многу е поважно какви особини покажувате кога ќе се појават несогласувања“ (Метју, пет години во брак).

 Очекувај дека ќе имаш стрес

 Врската несомнено од тебе ќе бара многу време, а тоа може да ти донесе и стрес. Што може да ти помогне?

 Постави си разумни граници. Немој толку да се преокупираш со врската што ќе ги запоставиш своите одговорности — или твоите пријатели. Алана, која е пет години во брак, вели: „Пријателите ќе ти требаат и откако ќе стапиш во брак, а и ти ќе им требаш ним. Немој да ги игнорираш само затоа што си почнал врска“.

 Не заборавај, кога ќе стапиш во брак, ќе треба да им посветиш соодветно внимание и време на сите аспекти од твојот живот. Зошто не пробаш да го правиш тоа уште додека си во врска?

 Размисли: Дали имаш неразумни барања за тоа колку време и внимание да ти посвети другиот? Дали сметаш дека другиот бара премногу од тебе? Како можете и двајцата да бидете урамнотежени за ниеден од вас да не се чувствува исцрпен или задушен од врската?

 Библиско начело: „Сѐ си има свое време, сѐ што се прави под небото си има свое време“ (Проповедник 3:1).

 „Ако поминувате време заедно само кога се забавувате, бракот може да ви дојде како шок. Добро е двојките да поминуваат време заедно и во некои секојдневни активности, на пример, да пазаруваат, да извршуваат домашни работи и да учествуваат во духовни активности. Тоа може да им помогне да си постават цврст темел за својот брак“ (Даниел, две години во брак).

 Имај на ум дека периодот додека си во врска е време да донесеш одлука — дали ќе стапиш во брак или ќе ѝ ставиш крај на врската. Во третиот дел од оваа серија ќе се зборува за тоа што сѐ треба да земеш предвид пред да ја донесеш таа одлука.