МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Како да не мислам на секс?
„Одеднаш ќе почнам да мислам на секс и не можам да прекинам. Имам чувство како некој друг да ми ги контролира мислите“ (Вера).
„Ми се чини невозможно да не мислам на секс. Мислам дека полесно би ми било да научам да летам“ (Џон).
Дали и ти понекогаш се чувствуваш како Вера или Џон? Ако да, оваа статија може да ти биде од помош.
Зошто е важно да не мислиш на секс?
„Вујко ми еднаш ми рече дека, штом Бог нѐ создал со сексуални желби, тогаш не е погрешно да си ги задоволиме“, вели еден дечко по име Алекс.
Оваа изјава делумно е точна — Бог нѐ создал со сексуални желби, и имало причина за тоа. Човечкиот род постои поради тоа што луѓето имаат сексуални односи и раѓаат деца. Тогаш, зошто треба да се трудиш да не мислиш на секс? Од најмалку две важни причини:
Од Библијата дознаваме дека Божјата намера е сексуални односи да имаат само маж и жена кои се во брак (1. Мојсеева 1:28; 2:24).
Ако го почитуваш Божјето гледиште за сексуалните односи, а не си во брак, со тоа што ќе размислуваш за секс, само ќе се измачуваш. Дури би можел полесно да му подлегнеш на искушението да имаш сексуални односи — одлука за која многумина рекле дека подоцна зажалиле.
Тоа што ќе се трудиш да не мислиш на секс може да ти помогне да развиеш една многу важна особина — самоконтрола (1. Коринќаните 9:25).
Оваа особина е многу важна за да имаш среќен и успешен живот — и сега и во иднина. Всушност, според едно истражување, оние што покажуваат самоконтрола уште како деца, кога ќе пораснат, имаат помалку проблеми со здравјето, со парите и со законот. a
Зошто е толку тешко да престанеш да мислиш на секс?
Хормоналните промени кои се случуваат во твоето тело, како и тоа што живееме во свет кој е опседнат со секс, може да ти ја отежнат борбата со неморалните мисли.
„Скоро во секоја серија предбрачниот секс се прикажува како најнормална работа, а воопшто не се спомнуваат опасностите. Бидејќи се претставува како нешто што не носи никакви последици, човек може многу лесно да почне да фантазира за секс“ (Рут).
„На работа често слушам вулгарни коментари за сексот, и тоа ми ја разгорува љубопитноста. На неморалот се гледа како на нешто што е сосема во ред, и затоа тешко е да го сметаш за нешто погрешно“ (Никол).
„Лесно можеш да се опуштиш и да станеш невнимателен додека гледаш слики на социјалните мрежи. Само една неморална слика може толку многу да ти се вреже во умот што никако нема да можеш да ја заборавиш“ (Марија).
Поради овие причини, можеби се чувствуваш како апостол Павле, кој напишал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Римјаните 7:21).
Што можеш да направиш
Размислувај за нешто друго. Труди се да ги насочиш мислите на нешто друго. На пример, би можел да си најдеш некое хоби, да почнеш да се занимаваш со некој спорт, да вежбаш или да правиш нешто друго што ќе ти ги оттргне мислите од секс. Една девојка по име Валери вели: „Многу ми помага тоа што ја читам Библијата. Таа содржи Божји мисли кои се повозвишени од човечките. Кога го полниш умот со такви мисли, немаш многу простор за што и да е друго“.
Нормално е понекогаш да ти се појават мисли поврзани со секс. Но, од тебе зависи што ќе направиш во тој момент. Можеш да ги отфрлиш таквите мисли, ама само ако сакаш.
„Кога мислите ќе ми одлетаат на секс, се трудам да мислам на нешто друго. Освен тоа, се обидувам да откријам зошто ми се појавиле такви мисли, на пример, дали поради некоја песна што треба да ја тргнам од листата со омилени песни или, пак, слика што треба да ја избришам“ (Елена).
Библиско начело: „Сѐ што е праведно, сѐ што е чисто... за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8).
Внимавај со кого се дружиш. Ако на твоите пријатели муабетите им се вртат само околу секс, потешко ќе ти биде да не мислиш на тоа.
„Како тинејџерка, постојано водев борба со моите мисли, а најголемиот виновник за тоа беше моето друштво. Ако си со луѓе кои нонстоп зборуваат за секс, ќе ти биде потешко да си ги контролираш чувствата. Така само му додаваш масло на огнот“ (Сара).
Библиско начело: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20).
Внимавај каква забава избираш. Не е тајна дека речиси секој аспект од забавната индустрија е проткаен со содржини поврзани со секс. Никол вели: „Мене најмногу ми влијае музиката. Таа може да ми разгори толку силни желби што едвај успевам да ги држам под контрола“.
„Почнав да гледам филмови и серии кои беа полни со неморални сцени. Уште пред да станам свесна, почнав премногу да мислам на секс. Не ми беше тешко да сфатам од каде ми доаѓаа тие мисли. Кога престанав да гледам филмови и серии со такви содржини, веќе не мислев толку на секс. Многу е полесно да се победат неморалните мисли ако внимаваш каква забава избираш“ (Џоен).
Библиско начело: „Блуд и секаква нечистотија или лакомост дури да не се спомнуваат меѓу вас“ (Ефешаните 5:3).
Заклучок: Некои луѓе сметаат дека сексуалните желби се толку важни што не треба — и не можат — да се контролираат. Но, од Библијата дознаваме нешто друго. Таа ни укажува чест со тоа што вели дека можеме да ги контролираме нашите мисли.
Библиско начело: „Преобразете се така што ќе го обновите својот ум“ (Римјаните 12:2).
a Важно е да научиш да покажуваш самоконтрола уште додека не си во брак затоа што оваа особина ќе ти биде потребна и во бракот.