МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Што треба да знам за алкохолот?
Библијата не го осудува умереното пиење алкохол кога законот го дозволува тоа. Сепак, го осудува опивањето (Псалм 104:15; 1. Коринќаните 6:10).
Но, што ако си под притисок да пиеш а законот или родителите не ти го дозволуваат тоа?
Размисли за последиците
Некои млади можеби велат дека мора да пиеш за да си поминеш убаво. Но, што би можело да се случи потоа?
Прекршување на законот. Во зависност од тоа каде живееш, ако пиеш алкохол а не смееш според законот, може да бидеш парично казнет, да бидеш обвинет за кривично дело, да ти биде одземена возачката дозвола, да бидеш казнет со вршење општествено корисна работа, па дури и да завршиш во притвор (Римјаните 13:3).
Нарушена репутација. Алкохолот ја намалува способноста да се контролираш. Под дејство на алкохол лесно може да кажеш или да направиш нешто за кое подоцна ќе зажалиш (Изреки 23:31-33). Бидејќи живееме во време кога многу луѓе користат социјални мрежи, твоето однесување може да остави траен белег врз твојата репутација.
Послаба самоодбрана. Ако си под дејство на алкохол, лесно може да станеш жртва на физички или сексуален напад. Исто така, полесно можеш да паднеш под влијание на другите, што може да води до дополнително ризично или нелегално однесување.
Зависност. Според некои истражувања, колку порано некој почне да пие толку е поголема веројатноста да стане зависник. Ако пиеш за полесно да се носиш со стресот, осаменоста или досадата, почнуваш да се вртиш во круг од кој ќе ти биде сѐ потешко да излезеш.
Смрт. Неодамна во САД, во текот на една година, возењето под дејство на алкохол било причина за по еден смртен случај на секои 52 минути. А во текот на еден пет-годишен период, во сообраќајни несреќи предизвикани од алкохол годишно умирале повеќе од 1.500 лица помлади од 21 година. Дури и да не си пиел алкохол ти, ако прифатиш да те вози некој што претходно пиел се изложуваш на голем ризик.
Донеси одлука
Можеш да ги избегнеш опасностите и тешките последици од несоодветното пиење алкохол ако однапред одлучиш што ќе правиш.
Библиско начело: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). Воопшто не е мудро да пиеш пред да возиш или пред да правиш што и да е друго за кое е потребна целосна концентрација.
Одлука: „Нема да пијам алкохол пред да бидам доволно возрасен според законот ниту, пак, во ситуации кога не е соодветно“.
Библиско начело: „Робови сте му на оној кого го слушате“ (Римјаните 6:16). Ако пиеш само затоа што пијат и останатите млади, дозволуваш други да те контролираат. А ако пиеш за да не ти биде досадно или за да се справиш со стресот, нема да научиш како да ги решаваш проблемите.
Одлука: „Нема да дозволам другите млади да ме натераат да пијам“.
Библиско начело: „Не биди меѓу оние што се опиваат“ (Изреки 23:20). Лошиот избор на пријатели може многу да ти отежне да се држиш за твојата одлука. Кога си заедно со некои што злоупотребуваат алкохол, се изложуваш на опасност.
Одлука: „Нема да се дружам со некој што злоупотребува алкохол“.