Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како да добијам поголема приватност?

Како да добијам поголема приватност?

 Зошто родителите толку се мешаат?

 Твоите родители велат дека само се грижат за тебе. Но, ти се чувствуваш како да не те оставаат да дишеш. Да видиме што рекле некои млади.

  •   „Еве што прави татко ми — ми го зема телефонот, бара да му го кажам пасвордот и ми ги чита сите пораки“, вели една тинејџерка по име Ирина. „Ако почнам да се бранам или да се правдам, одма помислува дека нешто кријам.“

  •   Дениза, која има 20-ина години, раскажува како мајка ѝ ѝ ја прегледувала деталната сметка од телефонот. „Го гледаше буквално секој број и ме прашуваше на кого е и што сме правеле муабет.“

  •   Една тинејџерка по име Кејла вели дека еднаш мајка ѝ ѝ го прочитала дневникот. „Таму беа запишани сите мои чувства. Пишуваше работи и за неа! Уште еднаш не ми текна да водам дневник.“

 Заклучок: Твоите родители имаат одговорност да се грижат за тебе, и реално, не зависи од тебе колку строго ќе ја извршуваат таа одговорност. Дали некогаш се престроги? Можеби. Сепак, можеш нешто да направиш за да добиеш поголема приватност.

 Што можеш да направиш

 Биди отворен со нив. Библијата нѐ поттикнува „во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18). Потруди се да го примениш овој совет кога зборуваш со твоите родители. Колку поискрен и поотворен си со нив толку поголеми се шансите да ти дадат поголема приватност.

 Размисли: Дали твоите сметаат дека може да ти се верува? Дали си доаѓаш дома навреме, или често доцниш? Дали криеш со кого се дружиш и што правиш?

„Морав да најдам заеднички јазик со моите. На пример, отворено им кажувам што ми се случува и не им кријам кога ќе ме прашаат нешто. Ама па затоа повеќе ми веруваат и ми даваат поголема приватност“ (Далија).

 Биди стрплив. Библијата вели: „Секој нека го докаже своето дело“ (Галатите 6:4, фуснота). Потребно е време за да докажеш дека може да ти се верува, но на крајот ќе видиш дека трудот навистина вредел.

 Размисли: И твоите родители некогаш биле тинејџери. Што мислиш, како она што тие го поминале во тинејџерските години влијае врз начинот на кој се грижат за тебе?

 „Мислам дека родителите памтат какви грешки направиле во минатото, и не сакаат истото да им се случи и на нивните деца“ (Даниел).

 Стави се на нивно место. Пробај да погледнеш на работите од гледна точка на родителите. Библијата вели дека една добра мајка „води грижа за сите свои домашни“, а еден добар татко ги воспитува своите деца „со стега од Јехова“ (Изреки 31:27; Ефешаните 6:4). За да успеат во тоа, твоите родители мора да бидат дел од твојот живот.

 Размисли: Имајќи го на ум сето она што го знаеш за тинејџерите, да си ти родител, дали би му дозволил на твоето дете да прави сѐ што сака без да знаеш што му се случува во животот?

„Кога си тинејџер, ти се чини дека твоите премногу ти се мешаат во животот. Но сега, кога сум малку поголем, сфаќам зошто го правеле тоа — затоа што ме сакале“ (Џејмс).