МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Што да правам ако имам сериозна болест? (Дел 2)
Постојат разни здравствени проблеми.
Кај некои луѓе симптомите на одредена болест лесно можат да се забележат, а кај други не.
Некои болести се јавуваат само повремено, но други се појавуваат и траат цел живот.
Некои болести можат да се излечат или барем да се држат под контрола, а други се неизлечливи, па дури можат да завршат со смрт.
Вакви болести ги погодуваат и младите. Во оваа статија ќе стане збор за четири млади луѓе кои имаат сериозни здравствени проблеми. Ако и ти се бориш со некоја болест, нивните зборови можат многу да те охрабрат.
ГЕНАЕЛ
Најтешко ми е да се помирам со фактот дека болеста многу ме ограничува. Има толку работи што сакам да ги направам, ама секој ден морам да се приспособувам на моменталната ситуација.
Страдам од тешко нарушување поради кое мозокот не може да испраќа соодветни информации до моето тело. Понекогаш, различни делови од телото почнуваат да ми треперат или да се вкочануваат. Тешко ми е да ги вршам дури и најосновните работи, на пример, тешко ми е да се движам, да зборувам, да читам и пишувам, а понекогаш и да разберам што ми зборуваат другите. Кога сум разочарана, старешините од моето собрание се молат со мене. После тоа се чувствувам подобро.
Без разлика низ какви тешкотии минувам, Јехова Бог секогаш е крај мене за да ми помогне. И покрај болеста, решена сум да продолжам да му служам на Јехова со цело срце. Најважно ми е да им помагам на другите да го дознаат Божјето ветување дека наскоро Јехова ќе ја направи Земјата рај во кој ќе нема страдања (Откровение 21:1-4).
Размисли: Како можеш и ти да им помагаш на другите да најдат утеха? (1. Коринќаните 10:24).
ЗАКАРИ
Кога имав 16 години, лекарите открија дека имам агресивен вид рак на мозокот. Ми кажаа дека ми остануваат уште само осум месеци. Оттогаш, секој ден водам борба за живот.
Поради положбата на туморот, десната страна ми е парализирана. Цело време некој мора да биде крај мене бидејќи не можам да се движам сам.
Како што болеста напредува, сѐ потешко ми е да комуницирам со другите. Порано многу спортував — скијав на вода, играв кошарка и одбојка. Како Јеховин сведок, редовно разговарав со луѓето за Бог. Мислам дека многумина не сфаќаат што значи да не можеш да ги правиш работите што толку многу ги сакаш.
Големо охрабрување наоѓам во зборовите од Исаија 57:15. Тие ме уверуваат дека Јехова Бог многу ме сака и дека никогаш нема да ги напушти оние што имаат ,скршен дух‘. Исто така, во Исаија 35:6 Јехова ветил дека повторно ќе можам да одам и да му служам совршено здрав.
Иако понекогаш ми е многу тешко да се справам со болеста, сигурен сум дека и во тие моменти Јехова е со мене. Кога се чувствувам потиштено или ме фаќа страв дека ќе умрам, му се молам на Бог затоа што знам дека ме слуша. Ништо не може да ме одвои од Јеховината љубов (Римјаните 8:39).
Закари ја изгуби битката со ракот на 18 години, два месеци откако беше интервјуиран. До самиот крај, тој цврсто веруваше во Божјето ветување за воскресение во рајот на Земјата.
Размисли: Како може молитвата да ти помогне да останеш близок со Бог?
АНАИС
Само неколку дена откако се родив имав излив на крв во мозокот. Тоа остави сериозни последици на моето тело, особено на нозете.
Сега, обично користам инвалидска количка, но ако се работи за кратки растојанија се движам со помош на рамка за одење. Освен тоа, имам грчеви поради кои ми е тешко да пишувам или да извршувам некои други задачи што бараат прецизност.
Мојата здравствена состојба е лоша, а и самото лекување е болно. Одам на физикална терапија неколку пати во седмицата. Тоа го правам откако знам за себе. Првата посложена операција ми беше направена кога имав пет години, а подоцна ми направија уште три. Последните две операции ми беше многу тешко бидејќи морав по три месеци да останам во болница, одделена од моите.
Моето семејство многу ми помага. Се смееме заедно, а тоа ме разведрува. Мајка ми и моите сестри се грижат да изгледам убаво. Криво ми е што не можам да носам штикли. Ама, еднаш успеав! Кога бев помала, си ги ставив штиклите на раце и почнав да ползам по подот. Сите заедно слатко се изнасмеавме.
Се трудам целиот живот да не ми се врти околу болеста. Учам нови јазици. Иако не можам да сурфам или да скијам со сноуборд, уживам во пливањето. Бидејќи сум Јеховин сведок, сакам да им зборувам на другите за мојата вера. Многу од нив ме слушаат со големо внимание.
Мајка ми и татко ми уште од мала ме поучуваа дека ситуацијата во која се наоѓам е само привремена. Со текот на времето, стекнував сѐ поголема вера во Јехова и во неговото ветување дека ќе им стави крај на сите страдања. Тоа ми дава сила да продолжам со животот (Откровение 21:3, 4).
Размисли: Што можеш да направиш за целиот живот да не ти се врти околу болеста?
ЖУЛИЈАНА
Страдам од тешка автоимуна болест која може да ги нападне и срцето, белите дробови и крвните садови. Од неа веќе ми се оштетени бубрезите.
Имав десет години кога ми дијагностицираа лупус, болест поради која имам болки, често сум уморна и имам нагли промени во расположението. Понекогаш се чувствувам безвредно.
Кога имав 13 години, една жена која беше Јеховин сведок дојде на нашата врата. Таа ми го прочита стихот од Исаија 41:10, каде што Јехова Бог вели: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе... Ќе те потпрам со мојата праведна десница“. Оттогаш почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Денес, околу осум години подоцна, му служам на Бог со цело срце и решена сум да не дозволам болеста да ми го контролира животот. Чувствувам дека Јехова ми дава „сила, која ја надминува нормалната“ за да гледам позитивно на животот (2. Коринќаните 4:7).
Размисли: Како можат зборовите од Исаија 41:10 да ти помогнат да останеш позитивен?