Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што да правам ако имам сериозна болест? (Дел 3)

Што да правам ако имам сериозна болест? (Дел 3)

 Тинејџерските години обично се синоним за одлично здравје и неисцрпна енергија. Но, некои млади се борат со сериозни болести. Дали и ти си еден од нив? Ако да, може да те охрабрат искуствата на Влорија, Џастин и Ниса, кои се Јеховини сведоци. Прочитај што им помага да живеат со своите тешки здравствени проблеми.

 Влорија

 На 14 години се разболев од фибромијалгија. На 20 години веќе имав и артритис, лупус и Лајмска болест. Тешко е да го правиш она што сакаш кога немаш сила за ништо. Понекогаш бев парализирана од половината надолу и морав да користам инвалидска количка.

 Физичката болка не беше најстрашното нешто. Многу полошо беше што психички се измачував затоа што не можев да правам едноставни работи, на пример, да пишувам или да отворам тегла. Гледав како другите деца одат и се прашував зошто јас не можам. Се чувствував бедно.

 Но, семејството многу ми помагаше. Голема помош ми беа и Јеховините сведоци од моето собрание. Тие честопати ме посетуваа, а тоа ми помагаше да не се чувствувам толку осамено. Некои од нив ме канеа да се дружиме, иако не беше лесно да ме кренат од количката и да ме внесат и да ме изнесат од колата.

 Особено постарите во собранието ми беа од помош зашто тие знаат како е да си болен. Ми помогнаа да го прифатам фактот дека не можам да правам како другите и да не се обвинувам за тоа. Најсреќна сум кога сум на собраниските состаноци и кога проповедам (Евреите 10:25). Во тие прилики сфаќам дека, иако сум болна, не сум многу поинаква од другите.

 Се трудам никогаш да не заборавам дека Јехова ни го дава она што ни е потребно за да издржиме. На пример, Библијата вели дека, дури и ако пропаѓаме однадвор, она што сме однатре „се обновува од ден на ден“ (2. Коринќаните 4:16). Јас можам да го потврдам тоа!

 Размисли: Ако имаш сериозен здравствен проблем, зошто е важно да побараш помош? Ако си здрав, како можеш да му помогнеш на некој што е болен? (Изреки 17:17).

 Џастин

 Се струполив на подот и не можев да се подигнам. Градите ме стегаа и не можев да се помрднам. Веднаш ме однесоа на итна помош. Отпрвин лекарите не знаеја што ми е. Но, после неколку вакви инциденти, утврдија дека имам Лајмска болест.

 Лајмската болест ми го погоди нервниот систем. Сѐ уште се тресам, понекогаш неконтролирано, иако болеста ми ја открија пред неколку години. Има денови кога ме боли целото тело или кога прстите толку ме болат што не можам да ги мрдам. Како зглобовите да ми се ’рѓосани.

 Си мислев: ,Премногу сум млад за да бидам болен‘. Затоа бев полн со гнев. Секој ден низ солзи го прашував Бог: „Зошто ми се случува ова?“ Почнав дури и да мислам дека Бог ме напуштил. Но, тогаш се сетив на Јов, за кој пишува во Библијата. Иако на Јов не му било потполно јасно зошто го снашле толку неволји, му останал верен на Бог. Штом Јов издржал, можам и јас.

 Старешините од моето собрание многу ми помагаат. Редовно ми се јавуваат да ме прашаат како сум. Еден старешина ми рече дека можам да му се јавам во секое време. Секој ден му благодарам на Јехова што имам вакви пријатели! (Исаија 32:1, 2).

 Понекогаш, кога имаме тешка болест, го забораваме фактот дека Јехова знае низ што минуваме. Библијата вели: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22). Секој ден се трудам да го правам ова.

 Размисли: Како можат оние што те сакаат да ти помогнат да живееш со некој здравствен проблем? (Изреки 24:10; 1. Солуњаните 5:11).

 Ниса

 Кога имав околу 15 години, ми открија дека имам Марфанов синдром — болест што ги напаѓа и ги ослабува зглобовите. Оваа болест може да ги погоди и срцето, очите и други витални органи. Немам болки секој ден, но кога имам, можат да бидат многу јаки.

 Кога ми кажаа од што сум болна, многу плачев. Се плашев дека не ќе можам да го правам она што го сакам. На пример, многу сакам да танцувам. Затоа ме плашеше помислата дека еден ден тоа ќе биде преболно за мене или дека можеби од болки нема да можам да одам.

 Сестра ми ми беше огромна поддршка. Ми помогна да престанам да се самосожалувам. Ми рече дека не треба да живеам во страв зашто така ќе го пропуштам животот. Ме поттикна и упорно да се молам, бидејќи никој не знае подобро од Јехова низ што минувам (1. Петрово 5:7).

 Стих што многу ме храбри е Псалм 18:6, каде што стои: „Во својата неволја го повикував Јехова, го викав својот Бог за помош. Тој го слушна мојот глас од својот храм, и мојот вик сега дојде до неговите уши“. Овој стих ми помогна да сфатам дека кога го молам Јехова да ми помогне да издржам, тој ќе ме чуе и ќе ми помогне. Тој е секогаш тука за мене.

 Научив дека е во ред човек да е тажен, па дури и вознемирен кога ќе му се случи нешто лошо, зашто таквите чувства се нормални — сѐ додека не им дозволиме да ни го упропастат животот или да влијаат врз нашето пријателство со Бог. Тој не ги предизвикува нашите проблеми и никогаш нема да нѐ напушти, сѐ додека ни е најважен во животот (Јаков 4:8).

 Размисли: Дали Бог е виновен што страдаме? (Јаков 1:13).