Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како да се хранам здраво?

Како да се хранам здраво?

 Веројатно знаеш дека неправилната исхрана може да ти го наруши здравјето. Ако некој не се храни правилно кога е млад, постои поголема веројатност така да се храни и кога ќе стане возрасен. Затоа е многу важно уште сега да стекнеш здрави навики на исхрана.

 Што е правилна исхрана?

 Во Библијата пишува дека треба да бидеме умерени во сѐ, а тоа ги вклучува и навиките на исхрана (1. Тимотеј 3:11). Имајќи го ова на ум, добро е да знаеш дека . . .

  •   Правилната исхрана ги вклучува сите групи намирници. Во нив спаѓаат: млечните производи, протеините, овошјето, зеленчукот и житарките. Некои луѓе престануваат да јадат намирници од една или повеќе групи бидејќи мислат дека тоа ќе им помогне да ослабат. Но, на тој начин нивното тело не ги добива потребните хранливи материи.

     Предлог: Истражи или прашај го својот лекар за што се корисни одредени состојки во храната. На пример:

     Јаглехидратите можат да ти дадат енергија. Протеините можат да му помогнат на твоето тело да се бори со инфекции, а исто така го поттикнуваат растењето и обновувањето на ткивата. Некои видови масти — во исправна количина — можат да го намалат ризикот од срцеви заболувања и да ти дадат доволно енергија.

     „Се трудам да јадам балансирани оброци кои се состојат од сите групи намирници. Исто така, мислам дека нема ништо лошо во тоа одвреме-навреме да јадам брза храна или да каснам чоколатце. Но, човек не треба да јаде само такви работи. Секогаш е добро да бидеме урамнотежени“ (Бренда).

    Исхраната која не содржи важни хранливи состојки личи на столица без една ногарка

  •   За да се храниш правилно, не треба да одиш во крајности. Што би можело да значи тоа? Не е добро да не јадеш доволно, да се изгладнуваш и потоа да јадеш премногу или секогаш да се откажуваш од нешто што многу сакаш да го јадеш.

     Предлог: Еден месец следи ги своите навики на исхрана. Колку често ти се случува да одиш во некоја од крајностите што беа спомнати? Кои промени можеш да ги направиш за да се храниш правилно?

     „Одев од една крајност во друга. Со денови јадев храна која е премногу калорична, а потоа со денови се изгладнував. Решив да престанам да ги бројам калориите, да внимавам да не се прејадувам и да престанам да јадам кога сум сита. Ми требаше време да се навикнам, но сега конечно урамнотежено се хранам“ (Хејли).

 Како да задржам добри навики на исхрана?

  •   Планирај однапред. Библијата вели: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5, фуснота). Ако сакаш да стекнеш здрави навики на исхрана, треба да имаш добар план.

     „За да се храниш поздраво, треба да имаш план бидејќи честопати здравата храна мора да ја подготвиш дома. Иако тоа не е лесно, на долги патеки трудот ќе ти се исплати, а освен тоа ќе заштедиш и пари“ (Томас).

  •   Замени ги нездравите оброци со здрави. Библијата вели: „Зачувај ја мудроста и способноста за расудување“ (Изреки 3:21). Мудроста и способноста за расудување ќе ти помогнат да бидеш креативен и да најдеш разни начини да се храниш здраво.

     „Почнав секој ден наместо еден нездрав оброк да јадам еден здрав оброк. На пример, наместо да изедам нешто благо, јадев едно јаболко. За кратко време, почнав речиси секој ден да јадам здрава храна!“ (Киа).

  •   Биди разумен. Библијата вели: „Јади го својот леб со радост“ (Проповедник 9:7). Да се храниш здраво не значи дека не треба да уживаш во храната ниту дека треба да го броиш секој свој залак. Дури и ако треба да ослабиш, не заборавај дека твојата цел е да бидеш здрав. Имај разумни очекувања од себеси.

     „Неодамна ослабнав 13 кила, а воопшто не се изгладнував. Јадев сѐ и не ме гризеше совеста кога ќе каснев нешто благо. Го прифатив фактот дека нема да ослабнам преку ноќ и дека треба да ги сменам навиките во исхраната“ (Мелани).