Префрли се на текстот

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | МАРИЈАМ

„На Јехова ќе му запеам“

„На Јехова ќе му запеам“

 Едно девојче се криело каде што никој не можело да го види. Нејзиниот поглед бил вперен кон едно место меѓу трските во водата. Напнато стоело, не помрднувајќи се ни малку, додека големата река Нил мирно си течела. Времето минувало, но девојчето стрпливо чекало и гледало, обидувајќи се да не им обрнува внимание на инсектите кои зуеле околу него. На местото кое не го испуштало од поглед била скриена една непропустлива кошница во која се наоѓало нејзиното мало братче. Срцето му се кинело од тага кога размислувало за ова само и беспомошно бебе. Но, ова девојче знаело дека нејзините родители се во право — дека ова е единствениот спас за нејзиното братче во тоа ужасно време.

 Ова било многу храбро од тоа девојче. Но, за кратко време, покажало уште поголема храброст. Иако била многу млада, во нејзиното срце се развивала една прекрасна особина — вера. Тоа станало очигледно од она што се случило потоа, и оваа особина влијаела врз целиот нејзин живот. Со години подоцна, кога остарела, верата ѝ помогнала во највозбудливиот период од историјата на нејзиниот народ. Оваа особина ѝ помогнала и кога направила сериозна грешка. За кого станува збор? И, што може да научиме од нејзината вера?

Маријам пораснала во ропство

 Во библискиот извештај не се спомнува името на девојчето, но нема сомнеж за кого станува збор. Тоа била Маријам, најстарото дете на Амрам и Јохаведа, кои биле еврејски робови во Египет (4. Мојсеева 26:59). Нејзиното братче подоцна го добило името Мојсеј. Таа имала уште еден брат, Арон, кој бил постар од Мојсеј и кој во тоа време имал околу три години. Не знаеме точно колкава била Маријам, но веројатно немала повеќе од десет години.

 Маријам живеела во тежок период. Египќаните го сметале нејзиниот народ, Евреите, за голема закана, и затоа ги присилувале на ропска работа и ги угнетувале. Ова не ги скршило еврејските робови и тие станувале сѐ побројни. Од страв, Египќаните се послужиле со една уште позлобна тактика. Фараонот наредил да бидат убиени сите машки еврејски бебиња уште при самото раѓање. Но имало две еврејски бабици, по име Сепфора и Фуа, кои скришум ги оставале живи бебињата. Маријам веројатно слушнала за верата што ја имале овие две жени (2. Мојсеева 1:8-22).

 Маријам видела и колкава вера имаат нејзините родители. Откако им се родило ова убаво бебенце, трето по ред, Амрам и Јохаведа го криеле три месеци. Тие не се исплашиле од наредбата на фараонот и не дозволиле тоа да биде убиено (Евреите 11:23). Но, не било лесно да се крие едно бебе, и затоа, по кратко време, тие се нашле пред една многу тешка одлука. Јохаведа знаела дека треба да го остави своето бебенце на место на кое би го нашол некој што би го заштитил и би се грижел за него. Замисли си колку сесрдно се молела оваа мајка додека изработувала кошница од папирусна трска, ја премачкувала со смола за да не пропушта вода и потоа го оставала своето сакано дете во реката Нил! Таа веројатно ѝ кажала на Маријам да чека таму за да види што ќе се случи (2. Мојсеева 2:1-4).

Маријам го спасила своето братче

 Затоа, Маријам стрпливо чекала. По некое време, видела како некој доаѓа. Се приближувала една група жени. И тоа не биле обични Египќанки. Тоа биле ќерката на фараонот и нејзините слугинки, кои дошле да се искапат во реката Нил. Маријам веројатно ја обзел страв. Зарем можела да се осмели да помисли дека токму ќерката на фараонот ќе ја прекрши наредбата на својот татко и дека ќе го заштити ова еврејско бебе? Во тие моменти, Маријам сигурно сесрдно му се молела на Јехова.

 Токму ќерката на фараонот прва ја видела кошницата меѓу трските. Таа ѝ рекла на една од нејзините слугинки да ѝ ја донесе. Во врска со фараоновата ќерка, во извештајот пишува: „Ја отвори и погледна, а во неа имаше машко дете што плачеше“. Таа веднаш си заклучила што се случило — дека некоја еврејска мајка се обидува да си го спаси своето дете. На ќерката на фараонот не можело а да не ѝ падне жал за ова слатко бебенце кое ѝ го освоило срцето (2. Мојсеева 2:5, 6). Без сомнение, Маријам внимателно ги набљудувала изразите на лицето на оваа жена. Знаела дека дошол моментот на дело да ја покаже својата вера. Собрала храброст и отишла кај ќерката на фараонот.

 Не знаеме со сигурност каква казна можело да добие една млада еврејска робинка која ќе се осмелела да ѝ пристапи на фараоновата ќерка и да зборува со неа. Но Маријам очигледно не мислела премногу на тоа. Таа ѝ поставила директно прашање на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да отидам и да ти викнам доилка од Еврејките за да ти го дои детето?“ Колку мудро прашање! Ќерката на фараонот знаела дека таа не може да дои бебе. Можеби си мислела дека ќе биде подобро детето да го дои некоја жена од неговиот народ, а потоа да си го донесе дома како посвоен син за кој ќе се грижи и на кој ќе му обезбеди образование. Срцето на Маријам сигурно ѝ посткокнало од радост кога фараоновата ќерка ѝ одговорила со само еден збор: „Оди!“ (2. Мојсеева 2:7, 8).

Маријам храбро внимавала на своето мало братче

 Маријам веднаш отрчала кај своите загрижени родители. Замисли си со колкава возбуда ѝ го раскажувала на мајка си она што се случило! Уверена дека Јехова стои зад ова, Јохаведа заедно со Маријам отишла кај фараоновата ќерка. Можеби Јохаведа се обидела да ги скрие радоста и олеснувањето што ги почувствувала кога таа ѝ рекла: „Земи го ова дете со тебе и дој ми го... а јас ќе ти платам за тоа“ (2. Мојсеева 2:9).

 Тој ден, Маријам научила многу за својот Бог, Јехова. Научила дека тој се грижи за своите слуги и дека ги слуша нивните молитви. И научила дека верата и храброста не се особини кои ги покажуваат само мажите или возрасните. Јехова ги слуша молитвите на сите свои верни слуги (Псалм 65:2). Сите ние — без разлика дали сме млади или стари, машки или женски — треба да го имаме ова на ум во овие тешки времиња.

Маријам била стрплива сестра

 Јохаведа го доела бебето и се грижела за него. Маријам сигурно многу се приврзала за своето братче кое помогнала да се спаси. Можеби му помогнала да научи да зборува и била воодушевена кога тоа за првпат го изговорило името на својот Бог, Јехова. Детето пораснало, и дошол денот да го одведат кај фараоновата ќерка (2. Мојсеева 2:10). Разделбата мора да била многу болна за целото семејство. Маријам сигурно едвај чекала да види каков ќе биде нејзиниот брат, кому ќерката на фараонот му го дала името Мојсеј, кога ќе порасне. Можеби се прашувала дали тој ќе ја зачува својата љубов кон Јехова додека расте како дел од египетското царско семејство.

 Времето ќе покажело. Без сомнение, Маријам била горда кога дознала дека нејзиното мало братче израснало во човек кој одлучил да му служи на Бог наместо да ги искористи можностите кои му се нуделе како син на фараоновата ќерка. Кога имал 40 години, Мојсеј застанал на страната на својот народ. Тој убил еден Египќанец кој тепал еден еврејски роб. Бидејќи се исплашил за својот живот, Мојсеј избегал од Египет (2. Мојсеева 2:11-15; Дела 7:23-29; Евреите 11:24-26).

 Маријам можеби не слушнала ништо повеќе за својот брат во следните четири децении додека тој живеел во далечната земја Мадијам, пасејќи овци (2. Мојсеева 3:1; Дела 7:29, 30). Годините минувале, а Маријам остарела додека гледала како нејзиниот народ сѐ повеќе страда и стрпливо чекала да дојде избавувањето.

Маријам била пророчица

 Маријам веројатно имала повеќе од 80 години кога Мојсеј се вратил затоа што Бог го испратил да го избави Неговиот народ. Арон бил поставен да зборува во името на Мојсеј, и заедно двајцата браќа на Маријам отишле кај фараонот да побараат да го пушти Божјиот народ да си оди. Таа сигурно најдобро што можела ги поддржувала и ги охрабрувала кога фараонот не ги послушал и кога тие одново и одново се враќале кај него додека Јехова ги предизвикувал десетте неволји за да ги предупреди Египќаните. Конечно, по последната неволја — погубувањето на сите првородени синови на Египќаните — дошло времето за големото избавување на Израелците. Замисли си како Маријам неуморно им помагала на своите сонародници додека Мојсеј ги водел надвор од Египет! (2. Мојсеева 4:14-16, 27-31; 7:1 — 12:51).

 Подоцна, кога Израелците се нашле во стапица меѓу Црвеното Море и египетската војска, Маријам видела како нејзиниот брат Мојсеј стои пред морето и го крева својот стап. Морето се разделило! Додека Мојсеј го водел народот по сувото морско дно, верата на Маријам веројатно станала посилна од кога ѝ да било порано. Таа знаела дека нејзиниот Бог може да стори сѐ, да го исполни секое свое ветување! (2. Мојсеева 14:1-31).

 Потоа, кога народот безбедно го преминал морето и кога водите ги потопиле фараонот и неговата војска, Маријам видела дека Јехова е помоќен од најмоќната војска во светот. Народот бил поттикнат да му запее на Јехова, а Маријам ги повела другите жени во песна: „Пејте му на Јехова зашто многу се прослави. Коњот со коњаникот в море ги фрли“ (2. Мојсеева 15:20, 21; Псалм 136:15).

Маријам ги повела другите Израелки во победничка песна кај Црвеното Море

 Ова бил еден од најубавите моменти во животот на Маријам — момент кој немало никогаш да го заборави. Во овој дел од библискиот извештај, Маријам е наречена пророчица. Всушност, таа е првата жена која Библијата ја нарекува пророчица. Маријам е една од неколкуте жени кои Јехова ги користел на ваков посебен начин (Судиите 4:4; 2. Царевите 22:14; Исаија 8:3; Лука 2:36).

 Со ова, Библијата нѐ потсетува дека Јехова нѐ набљудува и дека сака да ни искаже чест за тоа што понизно му служиме, за нашата стрпливост и за нашата желба да го фалиме. Без разлика дали сме млади или стари, машки или женски, сите може да покажеме вера во Јехова. Тој се радува кога покажуваме таква вера. Никогаш нема да ја заборави и има голема желба да нѐ награди за неа (Евреите 6:10; 11:6). Навистина, имаме добра причина да се угледаме на верата на Маријам!

Маријам станала горда

 Посебните задачи и положби со себе носат благослови, но и опасности. Во времето кога Израелците биле ослбодени од ропство, Маријам веројатно била најпознатата жена меѓу народот. Дали поради ова таа се возгордеала или станала амбициозна? (Изреки 16:18). За жал, да. Но, не за долго време.

 Неколку месеци по излегувањето на Израелците од Египет, Мојсеј пречекал една група луѓе кои дошле од далеку. Тоа бил неговиот тест, Јотор, кој ги донел жената на Мојсеј, Сепфора, и нивните два сина. Мојсеј се оженил со неа во текот на 40-те години додека бил во Мадијам. Сепфора претходно се вратила кај нејзиното семејство во Мадијам можеби за да го посети, и сега татко ѝ ја донел назад во израелскиот логор (2. Мојсеева 18:1-5). Замисли си колку биле возбудени Израелците кога пристигнала Сепфора! Веројатно, многумина едвај чекале да ја видат жената на човекот кого Бог го избрал да ги изведе од Египет.

 Дали и Маријам се радувала што дошла Сепфора? На почетокот, можеби да. Но се чини дека, со текот на времето, таа се возгордеала. Можеби се чувствувала загрозено, мислејќи дека сега Сепфора ќе стане најпознатата жена меѓу народот. Како и да било, Маријам и Арон почнале да зборуваат негативно. Но, не останале само на тоа. За кратко време, како што честопати се случува, почнале да кажуваат злобни работи. На почетокот зборувале против Сепфора, жалејќи се дека таа не е Израелка, туку Хусанка. a Но, за кратко време, почнале да се жалат против самиот Мојсеј. Маријам и Арон велеле: „Зарем Јехова зборува само преку Мојсеј? Не зборува ли и преку нас?“ (4. Мојсеева 12:1, 2).

Маријам станала лепрозна

 Од овие зборови гледаме дека Маријам и Арон почнале да развиваат опасни ставови. Тие биле незадоволни од начинот на кој Јехова го користел Мојсеј затоа што сакале самите да имаат поголема моќ и поголемо влијание. Дали тоа било така затоа што Мојсеј го злоупотребувал својот авторитет и вообразено барал слава за себе? Тој сигурно си имал свои слабости, но не бил амбициозен и горд. Во извештајот стои: „Мојсеј беше многу кроток човек, најкроткиот од сите луѓе на земјата“. Во секој случај, Маријам и Арон немале право така да зборуваат и биле во опасност. Во извештајот пишува: „Јехова го слушаше тоа“ (4. Мојсеева 12:2, 3).

 Ненадејно, Јехова им заповедал на Мојсеј, Арон и Маријам да отидат кај шаторот на средбата. Таму, зачудувачкиот столб од облак, кој ја претставувал присутноста на Јехова, се спуштил и застанал на влезот. Потоа, се слушнал гласот на Јехова. Тој ги укорил Маријам и Арон, потсетувајќи ги на посебниот однос што го има со Мојсеј и на големата доверба што ја има во овој човек. Јехова ги прашал: „Како тогаш не се плашевте да зборувате против мојот слуга, против Мојсеј?“ Маријам и Арон сигурно трепереле од страв. За Јехова, тоа што не покажале почит кон Мојсеј било непочитување кон него лично (4. Мојсеева 12:4-8).

 Очигледно, Маријам била таа која почнала да покажува непочитување, а потоа го навела и својот помал брат да се сврти против Сепфора. Ова ни помага да сфатиме зошто токму Маријам била казнета. Јехова предизвикал таа да добие лепра. Од оваа ужасна болест, кожата ѝ станала бела како снег. Арон веднаш се понизил пред Мојсеј и почнал да го преколнува да го моли Јехова да им прости, велејќи: „Не земај ни ја за грев глупоста што ја направивме!“ Кроткиот Мојсеј извикал кон Јехова: „О Боже, те молам, излечи ја!“ (4. Мојсеева 12:9-13). Тоа што и на двајцата браќа им било многу тешко за Маријам покажува колку многу ја сакале својата постара сестра и покај нејзините маани.

Бог ѝ простил на Маријам

 Јехова покажал милост кон Маријам. Тој ја излечил затоа што се каела. Сепак, заповедал да помине седум дена во карантин надвор од израелскиот логор. Сигурно било многу понижувачки за Маријам да послуша и да замине од логорот посрамена. Но, тоа што имала вера ѝ помогнало да не се откаже. Длабоко во своето срце таа сигурно знаела дека нејзиниот Татко Јехова е праведен и дека ја укорува затоа што ја сака. Затоа, направила како што ѝ било кажано. Таа поминала седум дена сама, а Израелците во логорот ја чекале да се врати за да тргнат понатаму. Тогаш, Маријам повторно покажала вера, овојпат така што понизно дозволила да биде „примена повторно“ во логорот (4. Мојсеева 12:14, 15).

 Јехова ги укорува оние што ги сака (Евреите 12:5, 6). Тој толку многу ја сакал Маријам што не можел а да не ѝ укаже на гордоста и да ѝ даде исправка. Укорот болел, но ја спасил. Бидејќи понизно го прифатила укорот, повторно го стекнала Божјето одобрување. Таа живеела речиси до самиот крај од патувањето на Израелците низ пустината. Кога починала во Кадис, во пустината Зин, веројатно имала речиси 130 години b (4. Мојсеева 20:1). Со векови подоцна, Јехова сѐ уште ја сакал Маријам и ѝ укажал чест за нејзината верна служба. Преку пророкот Михеј, тој го потсетил својот народ: „Те откупив од ропската куќа. Пред тебе ги испратив Мојсеј, Арон и Маријам“ (Михеј 6:4).

Верата ѝ помогнала на Маријам да остане понизна кога Јехова ја укорил

 Од Маријам може да научиме многу работи. Треба да им пружиме заштита на оние што се беспомошни и храбро да заземеме став за она што е исправно, како што направила таа кога била дете (Јаков 1:27). Треба радосно да им ја објавуваме на луѓето пораката од Бог (Римјаните 10:15). Мора да научиме да се чуваме од отровот на љубомората и на огорченоста (Изреки 14:30). И исто како Маријам, треба да бидеме понизни и да ги прифаќаме исправките од Јехова (Евреите 12:5). Ако го правиме сето ова, ќе се угледаме на верата на Маријам.

a Во случајот на Сепфора, зборот „Хусанка“ очигледно укажува на тоа дека била од Арабија, како и другите Мадијамци, а не од Етиопија.

b Маријам и нејзините двајца браќа починале по истиот редослед по кој се родиле — најпрво Маријам, потоа Арон и на крај Мојсеј — очигледно во текот на една година.