УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ЈОВ
„Нема да отстапам од својата непорочност!“
Замисли си како еден човек седи на земјата сосема сам, со наведната глава и згрбавени рамења, од глава до петици прекриен со болни рани. Нема сила дури ни да ги растера мувите кои се собираат околу него. Седи во пепел во знак на длабока жалост и болка, и не може да прави ништо друго освен да ја струже својата кожа со цреп. Овој човек, кој некогаш бил угледен и богат, станал предмет на потсмев. Сите му свртиле грб — и пријателите, и соседите и роднините. Луѓето, па дури и децата, го исмевале. Тој мислел дека и неговиот Бог, Јехова, се свртил против него. Но, не бил во право (Јов 2:8; 19:18, 22).
Овој човек се викал Јов. Бог рекол дека „на земјата нема таков како него“ (Јов 1:8). Дури и со векови по неговата смрт, Јехова не го сменил своето мислење за Јов. Сѐ уште го сметал за еден од најправедните луѓе што живееле на Земјата (Езекиел 14:14, 20).
Дали и ти се соочуваш со тешкотии и неволји? Ако да, она што му се случило на Јов може да ти влее голема утеха. Исто така, ќе ти помогне уште подобро да разбереш една особина која треба да ја има секој верен Божји слуга. Тоа е непорочноста, односно беспрекорноста. Луѓето ја покажуваат оваа особина кога му остануваат верни и послушни на Бог, и продолжуваат да ја вршат неговата волја и покрај тоа што доживуваат страдања. Да видиме што можеме да научиме од Јов.
Што не знаел Јов
Верниот Божји слуга Мојсеј го напишал извештајот за животот на Јов најверојатно некое време по неговата смрт. Под водство на Божјиот свет дух, Мојсеј ги опишал настаните на Земјата кои влијаеле врз Јов, но открил и некои настани кои се случиле на небото.
На почетокот од извештајот, читаме дека Јов имал среќен и исполнет живот. Тој имал големо богатство и бил почитуван од луѓето во земјата Уз, која веројатно се наоѓала во северниот дел на Арапскиот Полуостров. Јов великодушно им помагал на сиромашните и ги штител беспомошните. Тој и жена му имале 10 деца. Најважно од сѐ, Јов бил духовен човек. Исто како неговите далечни роднини Авраам, Исак, Јаков и Јосиф, тој давал сѐ од себе за да му угоди на Јехова. Како семеен поглавар, Јов имал улога на свештеник и редовно принесувал жртви за своите деца (Јов 1:1-5; 31:16-22).
Одеднаш писателот на книгата за Јов го менува фокусот на раскажувањето, и дава опис на она што се случувало на небото — нешто што Јов не можел да го знае. Меѓу верните ангели кои биле собрани пред Бог дошол и бунтовниот ангел Сатана. Јехова знаел дека тој го презира праведниот Јов, и затоа му го посочил како извонреден пример за беспрекорност. Сатана дрско одговорил: „Зарем Јов залудно се бои од Бог? Зарем ти не ги огради и него и неговата куќа и сѐ што има секаде наоколу?“ Сатана ги мрази од дното на душата луѓето што му се верни на Бог. Кога му се оддадени со цело срце на Јехова, тие докажуваат дека Сатана е предавник кој нема љубов кон никого. Ѓаволот го обвинил Јов дека му служи на Бог од себични причини. Тој тврдел дека, ако Јов изгуби сѐ што има, ќе го проколне Бог в лице (Јов 1:6-11).
Јов не знаел дека Јехова, всушност, му дал огромна чест — да докаже дека Сатана не е во право. Бог му дозволил на Сатана да му одземе на Јов сѐ што имал. Но, не смеел да крене рака на него. Сатана едвај чекал да го спроведе својот злобен план. За само еден ден, тој му нанел неколку тешки удари на Јов. Јов дознал дека ја изгубил сета стока — најпрво говедата и магарињата, а потоа овците и камилите. Што е уште полошо, слугите што ги чувале биле убиени. Еден гласник му кажал на Јов дека „оган Божји“ слегол од небото, веројатно гром, и ги убил слугите и овците. Уште пред да има време да се соземе од оваа загуба, го доживеал најтешкиот удар. Додека неговите десет деца биле собрани кај најстариот син, се кренал силен ветар кој ја срушил куќата, и сите загинале (Јов 1:12-19).
Не можеме ни да си замислиме како се чувствувал Јов. Тој си ја раскинал облеката, си ја истрижал главата и се струполил на земјата. Јов рекол: „Јехова даде, Јехова и зеде“. Всушност, Сатана лукаво направил да изгледа дека Бог му ги нанел неволјите. И покрај тоа, Јов не го проколнал Бог како што тврдел Сатана. Напротив, овој верен човек изјавил: „Нека биде благословено името Јеховино!“ (Јов 1:20-22).
Сатана упорно тврдел дека Јов ќе го проколне Бог
Бесен, Сатана одбил да се откаже. Кога ангелите се собрале пред Бог, тој повторно дошол. Јехова со восхит зборувал за Јов кој останал верен и беспрекорен и покрај сите напади на Сатана. Тогаш, Ѓаволот рекол: „Кожа за кожа! Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа. Туку, те молам, пружи ја раката и допри ги неговите коски и неговото месо, па види дали нема да те проколне в лице!“ Сатана бил уверен дека Јов ќе го проколне Бог ако се разболи од тешка болест. Бидејќи имал потполна доверба во Јов, Јехова му дозволил на Сатана да го разболи, но не му дозволил да му го одземе животот (Јов 2:1-6).
Така Јов се нашол во ситуацијата која беше опишана на почетокот. Замисли си колку ѝ било тешко на неговата кутра жена. Сѐ уште завиена во тага поради смртта на своите десет деца, таа сега морала беспомошно да гледа како маж ѝ минува низ ужасни маки. Длабоко потресена, му рекла на Јов: „Зарем уште си постојан во својата беспрекорност? Проколни го Бог и умри!“ Ова воопшто не личело на жената што Јов ја познавал и ја сакал. Единственото нешто што можел да ѝ го каже е дека нејзините зборови се неразумни. Сепак, тој не сакал да го проколне својот Бог. Библијата вели: „Јов не згреши со своите усни“ (Јов 2:7-10).
Дали си знаел дека оваа тажна, вистинска приказна е поврзана и со тебе? Забележи дека злобното обвинение што го изнел Сатана не се однесувало само на Јов, туку на целиот човечки род. Тој рекол: „Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа“. Со други зборови, Сатана е уверен дека ниту еден човек не може да остане беспрекорен. Тој тврди дека и ти немаш вистинска љубов кон Бог и дека брзо ќе се одречеш од него за да си го зачуваш животот. Всушност, Сатана вели дека си себичен исто како што е тој! Дали сакаш да му докажеш дека не е во право? Секој од нас ја има таа чест! (Изреки 27:11). Да видиме со што се соочил Јов понатаму.
Лажни тешители
Тројца мажи што го познавале Јов — кои во извештајот се наречени негови „пријатели“ — слушнале за неволјите што го снашле и допатувале кај него за да го утешат. Кога го виделе оддалеку, не можеле да го препознаат. Целиот во болки и со поцрнета кожа од чиревите, воопшто не личел на себеси. На прв поглед, се чинело дека на овие тројца мажи, Елифаз, Вилдад и Софар, им е многу жал што го гледаат Јов како страда. Тие плачеле колку што ги држел гласот и се посипувале со прав врз главата. Потоа, седнале на земја до Јов и ништо не кажувале. Цела седмица биле покрај него ден и ноќ без да изустат ниту збор. Не треба да заклучиме дека тоа што молчеле било знак на сочувство. Тие воопшто не биле заинтересирани за Јов бидејќи не му поставиле ниту едно прашање. Го гледале само она што било очигледно — неговата неподнослива болка (Јов 2:11-13; 30:30).
На крај, самиот Јов морал да почне да зборува. Исполнет со горчина и болка, тој го проколнал денот кога се родил. А потоа открил која е една од главните причини зошто се чувствувал така. Јов мислел дека Бог му ги предизвикува неволјите (Јов 3:1, 2, 23). Иако бил човек кој имал голема вера, очајно му била потребна утеха. Но, по кратко време откако неговите „пријатели“ почнале да зборуваат, Јов сфатил дека било подобро кога ништо не кажувале (Јов 13:5).
Елифаз, кој веројатно бил најстариот од нив и кој бил многу постар од Јов, почнал да зборува прв. А потоа зборувале и другите двајца. Може да се каже дека тие, без да размислуваат, се повеле по Елифаз. Повторувале често користени фрази за Бог кои на прв поглед звучеле точно, на пример, дека тој е возвишен, и дека ги казнува лошите а ги наградува добрите. Но, уште од самиот почеток се гледало дека немаат ни трошка разбирање за Јов. Она што го кажал Елифаз навидум било логично, но тој не зел предвид некои важни вистини. Иако тргнал од точна претпоставка, дека Јехова е добар и ги казнува злобните, на крајот дошол до погрешен заклучок — дека штом Јов е казнет, тогаш мора нешто да му згрешил на Бог (Јов 4:1, 7, 8; 5:3-6).
Сосема е разбирливо што Јов не се сложил со нивните обвиненија. Тој одлучно се бранел (Јов 6:25). Но, тоа уште повеќе ги навело тројцата „тешители“ да мислат дека Јов направил некој таен грев и затоа го заслужил сето зло што го снашло. Елифаз го обвинил дека е вообразен, злобен и дека нема никаква стравопочит кон Бог (Јов 15:4, 7-9, 20-24; 22:6-11). Софар му рекол да престане да прави зло и да греши (Јов 11:2, 3, 14; 20:5, 12, 13). А Вилдад му нанел особено тежок удар кога рекол дека и синовите на Јов сигурно направиле некаков грев и затоа заслужиле да умрат! (Јов 8:4, 13).
Напад врз беспрекорноста!
Овие тројца луѓе направиле нешто уште полошо. Освен што ја довеле во прашање беспрекорноста на Јов, тие тврделе дека воопшто не вреди некој да се труди да му биде оддаден на Бог. Уште на почетокот, Елифаз опишал една страшна средба со невидлив дух. Од средбата со демонот, го донел следниов подмолен заклучок: Бог „не им верува на своите слуги и ги обвинува за грев своите ангели“. Според ова тврдење, луѓето никогаш не можат да му угодат на Бог. Подоцна, Вилдад тврдел дека на Бог не му е важна верноста на Јов, кој за него бил како еден обичен црв (Јов 4:12-18, фуснота; 15:15; 22:2, 3; 25:4-6).
Си се обидел ли некогаш да утешиш некој што минувал низ многу тежок период во животот? Тоа воопшто не е лесно. Но, можеме многу да научиме од лажните тешители на Јов — главно за тоа што не треба да кажеме. Тие кажале толку многу работи кои на прв поглед изгледале длабоки и точни, но всушност биле празни и далеку од вистината. Освен тоа, ниту еднаш не му се обратиле на Јов по име. Тие не размислувале за болката што тој ја носел во срцето и не мислеле дека треба да покажат сочувство кон него. a Ако некој твој близок е потиштен, труди се да бидеш срдечен, сочувствителен и грижлив. Помогни му да си ја зајакне верата и храброста, и да има доверба во Јехова и во неговата голема добрина, милост и правда. Јов ќе го направел токму тоа за своите пријатели доколку биле на негово место (Јов 16:4, 5). А како реагирал тој додека тие упорно ја напаѓале неговата беспрекорност?
Јов останал беспрекорен
Јов веќе бил длабоко потиштен кога започнал овој долг разговор. Уште на почетокот, тој признал дека зборувал непромислено и во очај (Јов 6:3, 26). Не е тешко да разбереме зошто. Неговите зборови биле одраз на болката која му го кинела срцето. Од нив се гледало и дека немал целосна слика за она што се случувало. Бидејќи Јов и неговото семејство ненадејно биле погодени од толку неволји, кои изгледало дека се од натприроден извор, тој заклучил дека доаѓаат од Јехова. Не бил свесен дека се случиле некои важни настани, и затоа донел заклучок само врз основа на своите погрешни претпоставки.
Сепак, Јов бил човек со силна вера. Неговата вера јасно се гледала од она што го кажал во долгиот разговор со неговите „пријатели“. Неговите зборови се прекрасни, вистинити и нѐ зајакнуваат и нас денес. Кога зборувал за чудата на создавањето, му оддал слава на Јехова на еден уникатен начин. Немало да може да го направи тоа доколку Бог не му открил некои детали. На пример, Јов рекол дека Јехова „ја држи Земјата обесена на ништо“, сознание до кое научниците дошле дури со векови подоцна b (Јов 26:7). А кога зборувал за иднината, покажал дека има надеж каква што имале и други верни Божји слуги од минатото. Јов верувал дека, ако умре, ќе му недостасува на Бог, и дека тој нема да го заборави туку еден ден повторно ќе го врати во живот (Јов 14:13-15; Евреите 11:17-19, 35).
А што да се каже за беспрекорноста? Елифаз и неговите двајца пријатели останале на своето тврдење дека на Бог не му е важно дали некој е беспрекорен. Дали Јов поверувал во оваа злобна лага? Во никој случај. Тој тврдел дека беспрекорноста му е важна на Бог. Јов со доверба го кажал следново за Јехова: „Бог ќе ја сознае мојата непорочност“ (Јов 31:6). Освен тоа, тој сфатил дека лажните тврдења на неговите таканаречени пријатели биле напад врз неговата беспрекорност. Тоа го поттикнало да го одржи својот најдолг говор со кој ги замолкнал овие тројца мажи.
Јов сфатил дека беспрекорноста се гледа од тоа што некој го зборува и прави во секојдневниот живот. Затоа се бранел така што им објаснил на кои сѐ начини покажал дека е беспрекорен. На пример, се чувал од секаков вид идолопоклонство, постапувал со другите љубезно и со почит, останал морално чист, си го ценел бракот и, најважно од сѐ, му бил оддаден на единствениот вистински Бог, Јехова. Од таа причина, Јов со цело срце можел да каже: „Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5; 31:1, 2, 9-11, 16-18, 26-28).
Покажувај вера како Јов
Дали беспрекорноста и за тебе е толку важна како што била за Јов? На Јов му било јасно дека не е доволно човек само да каже дека е беспрекорен — треба да го докаже тоа со своите дела. Покажуваме дека сме му потполно оддадени на Бог така што сме му послушни и секогаш го правиме она што е исправно во негови очи, дури и кога се бориме со тешки проблеми. Ако постапуваме така, сигурно ќе го радуваме Јехова и, исто како Јов, ќе покажеме дека неговиот непријател, Сатана, не е во право. Тоа е најдобриот начин на кој можеме да покажеме дека имаме вера каква што имал Јов.
Но, ова не е крај на приказната за Јов. Во еден момент, Јов кажал непромислени работи. Тој толку многу сакал да докаже дека е праведен што заборавил да застане во одбрана на својот Бог. Му била потребна исправка и помош за да може да гледа на работите како Јехова. Но, каква утеха можела да му се даде на човек кој доживеал толку тешки удари и бил скршен од болка и тага? Што направил Јехова за својот верен и беспрекорен слуга? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме во некоја следна статија од оваа рубрика.
a Елифаз дошол до необичен заклучок дека тој и неговите пријатели биле благи спрема Јов, можеби затоа што не му зборувале со висок тон (Јов 15:11). Но, дури и зборови што некој ги кажува тивко и на благ начин можат да бидат сурови и зајадливи.
b Како што е познато, дури 3.000 години подоцна научниците изнеле веродостојна теорија дека Земјата нема потреба да се потпира на некаков објект или материја. Дури откако биле направени фотографии на Земјата од вселената, луѓето можеле да се уверат во вистинитоста на зборовите на Јов.