Префрли се на текстот

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Повеќе не се срамам од себеси“

„Повеќе не се срамам од себеси“
  • Роден: 1963

  • Земја: Мексико

  • Некогаш: Пораснал на улица; имал чувства на безвредност

МОЕТО МИНАТО

 Роден сум во Сиудад Обрегон, во северниот дел на Мексико, како петто од девет деца. Живеевме во предградието, каде што татко ми имаше мала фарма. Беше убаво да се живее таму, и како семејство бевме обединети и среќни. За жал, кога имав само пет години, еден ураган ја уништи нашата фарма и моравме да се преселиме во друг град.

 Татко ми почна добро да заработува, но во исто време стана и алкохоличар. Тоа влијаеше врз неговиот брак, а и врз нас децата. Почнавме да пушиме цигари, кои ги крадевме од татко ми. Кога имав само шест години, се опив за прв пат. Кратко потоа моите родители се одвоија и моите пороци станаа уште полоши.

 Мајка ми почна да живее со друг маж, а со неа нѐ зеде и нас децата. Тој не ѝ даваше пари, а не можевме да живееме само од она што таа го заработуваше. Затоа ние децата ја работевме секоја работа што ќе ја најдевме, но едвај врзувавме крај со крај. Чистевме чевли, продававме леб, весници, мастики и други работи. Исто така, одев низ побогатите населби, барајќи храна во кантите за отпадоци.

 Кога имав десет години, еден човек ме викна да работам со него на градската депонија. Ја прифатив понудата, го напуштив училиштето и си заминав од дома. Тој ме плаќаше помалку од еден долар на ден и ми даваше храна што ја наоѓаше на депонијата. Живеев во колиба што самиот ја изградив од материјали кои ги најдов во ѓубрето. Луѓето околу мене користеа вулгарен јазик, беа неморални, а многу од нив беа зависници од дрога и алкохол. Тоа беше најлошиот период од мојот живот, плачев секоја вечер, тресејќи се од страв. Ми беше многу срам затоа што бев сиромашен и необразован. На депонијата живеев околу три години, а потоа се преселив во друга држава во Мексико. Таму работев по полињата — собирав цвеќе, памук, шеќерна трска и компири.

Три години живеев на депонија како што е оваа

 По четири години се вратив во Сиудад Обрегон. Една од моите тетки, која беше бајачка, ме викна да живеам кај неа. Почнав да имам кошмари и бев толку депресивен што помислував на самоубиство. Една ноќ му се помолив на Бог: „Боже, ако постоиш, сакам да те запознаам и ќе ти служам засекогаш. Ако постои вистинска религија, помогни ми да ја најдам“.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

 Отсекогаш сакав да учам за Бог. Дури и како дете одев во разни цркви, но сите тие ме разочараа. Ниедна од нив не зборуваше многу за Библијата, ниту пак ми помогна да ги задоволам моите духовни потреби. Во некои се ставаше голем акцент на парите, додека во други верниците живееја неморално.

 Кога имав 19 години, еден од моите зетови ми кажа дека Јеховините сведоци му покажале што вели Библијата за користењето икони. Тој ми го прочита 2. Мојсеева 20:4, 5 каде што пишува дека не смееме да правиме режани ликови. Во стих 5 пишува: „Немој да им се клањаш, ниту да им служиш, зашто јас сум Јехова, твојот Бог, Бог кој бара да му се покажува оддаденост само нему“. Тогаш зет ми ме праша: „Ако Бог користи икони за да прави чуда, или ако сака да ги користиме за да го обожаваме, зошто би ги забранил?“ Тоа ме замисли. Потоа, неколку пати разговаравме за библиски теми. Толку уживав во тие разговори што ми се чинеше дека времето лета.

 По некое време, ме однесе на еден состанок на Јеховините сведоци. Ме воодушеви она што го видов и го слушнав таму. Дури и младите учествуваа во програмата и добро се изразуваа од бината. Си помислив: „Какво школување добиваат луѓето тука!“ И покрај тоа што имав долга коса и изгледав неуредно, Сведоците се однесуваа срдечно со мене. Едно семејство дури ме покани на вечера кај нив по состанокот!

 Од проучувањето на Библијата со Сведоците научив дека Јехова Бог е Татко полн со љубов кој се грижи за нас, без оглед на нашата финансиска состојба, општествен статус, од која раса сме или какво образование имаме. Тој е навистина непристрасен (Дела 10:34, 35). Конечно моите духовни потреби беа задоволени и веќе не се чувствував празно!

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

 Целиот мој живот почна драстично да се менува на подобро. Престанав да пушам, да се опивам и да користам вулгарен јазик. Огорченоста што ја чувствував уште како дете почна да ја снемува, а и ужасните кошмари што ги имав. Се ослободив од длабоко вкоренетиот комплекс на пониска вредност, кој беше последица на емоционалните трауми од детството и моето ограничено образование.

Имам прекрасна жена која го сака Јехова и која ми е голема поддршка. Сега служам како патувачки надгледник на Јеховините сведоци, ги посетувам собранијата за да ги охрабрувам и поучувам моите духовни браќа и сестри. Благодарение на тоа што Библијата дејствува како лек и на одличното образование што ни го дава Бог, повеќе не се срамам од себеси.

Јас и жена ми со задоволство им помагаме на другите, како што ми беше помогнато и мене