Префрли се на текстот

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Повеќе не сум суров човек“

„Повеќе не сум суров човек“
  • Роден: 1973

  • Земја: Уганда

  • Некогаш: Насилен, неморален и алкохоличар

МОЕТО МИНАТО

 Роден сум во Уганда, во областа Гомба. Повеќето луѓе таму беа многу сиромашни. Во нашиот град немаше струја. Затоа, навечер, користевме газиени ламби.

 Моите родители, кои беа фармери, се преселиле од Руанда во Уганда. Тие одгледуваа кафе и банани, а од бананите правеа еден познат ликер наречен вараги. Исто така, имавме кокошки, кози, свињи и крави. Поради мојата култура и воспитувањето, сметав дека една сопруга треба секогаш да му биде послушна на својот сопруг и дека никогаш не треба да го кажува своето мислење.

 На 23 години се преселив во Руанда. Таму почнав да одам во дискотеки со мои врсници. Во една дискотека одев толку често што ми дадоа пропусница со која можев да влегувам бесплатно. Уживав да гледам филмови со насилни сцени и со тепање. Луѓето со кои што се дружев и забавата влијаеја негативно врз мене и затоа станав насилен, неморален, а почнав и да се опивам.

 Во 2000 год., почнав да живеам со една девојка по име Сколастик Капагвира, и ни се родија три деца. Како што бев поучен уште како дете, од неа очекував да клекнува на колена кога ме поздравува и кога бара нешто од мене. Исто така, тврдев дека сѐ што поседуваме како семејство е мое и дека можам да правам со него што сакам. Навечер, честопати излегував, а се враќав околу три часот наутро, обично пијан. Ќе тропнев на вратата, и ако Сколастик не ми отвореше брзо, ќе ја истепав.

 Во тоа време, работев како шеф во една приватна фирма за обезбедување и добро заработував. Сколастик се обидуваше да ме убеди да одам заедно со неа во Пентакосталната црква бидејќи веројатно мислеше дека тоа ќе ме промени. Но, мене тоа не ме интересираше. Наместо тоа, почнав романтична врска со една друга жена. Како резултат на моето сурово и неморално однесување, Сколастик ги зеде нашите три деца и се пресели кај нејзините родители.

 Еден наш постар пријател зборуваше со мене во врска со мојот начин на живот. Тој ме поттикна да ѝ се вратам на Сколастик. Ми рече дека моите прекрасни деца не заслужуваат да живеат без татко. Затоа, во 2005 год., престанав да пијам, ја оставив другата жена и ѝ се вратив на Сколастик. Во 2006 год., се венчавме. Но, продолжив да ја малтретирам жена ми.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

 Во 2008 год., еден Јеховин сведок по име Жоел дојде на нашата врата, и јас го сослушав. Тој и уште еден Сведок, Бонавентјур, редовно ме посетуваа неколку месеци, и водевме жестоки дискусии на библиски теми. Им поставував многу прашања, особено во врска со книгата Откровение. Всушност, сакав да докажам дека Сведоците не се во право. На пример, ги прашав како можат да тврдат дека „[големото] мноштво луѓе“ кои се спомнати во Откровение 7:9, ќе живеат на Земјата кога во стихот пишува дека тие „стојат пред престолот [на Бог] и пред Јагнето“, Исус Христос. Жоел стрпливо ми одговори на прашањата. На пример, ми го покажа стихот од Исаија 66:1, каде што Бог ја нарекува Земјата „подножје“ на неговите нозе. Значи, големото мноштво, всушност, стои на Земјата пред Божјиот престол. Го прочитав и Псалм 37:29, каде што пишува дека праведниците ќе живеат на Земјата засекогаш.

 По некое време, прифатив библиски курс. Така, Бонавентјур почна да ја проучува Библијата со мене и со Сколастик. Додека проучувавме, во мене се развиваше желба да правам промени во мојот живот. Научив да се однесувам со жена ми со почит. Повеќе не очекував да клекнува на колена кога ме поздравува или кога бара нешто од мене и престанав да тврдам дека сѐ што поседува нашето семејство ми припаѓа на мене. Освен тоа, престанав да гледам филмови со насилство. Ми беше тешко да ги направам овие промени и ми беа потребни самоконтрола и понизност.

Библијата ми помогна да станам многу подобар сопруг

 Неколку години претходно, го имав однесено нашиот најстар син Христијан да живее кај едни роднини во Уганда. Но, откако ги прочитав стиховите од 5. Мојсеева 6:4-7, сфатив дека јас и мојата сопруга сме одговорни пред Бог да се грижиме за нашите деца, во што е вклучено и да ги поучуваме за библиските начела. Многу бевме радосни и ние и нашиот син кога тој се врати дома!

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

 Дознав дека Јехова е милостив Бог и верувам дека тој ми простил за моите постапки и за моето однесување во минатото. Се радувам што и Сколастик ја проучуваше Библијата заедно со мене. И двајцата му го заветувавме својот живот на Јехова и на 4 декември 2010 год. се крстивме. Сега имаме доверба еден во друг и со задоволство ги применуваме библиските начела во нашето семејство. Жена ми е многу среќна што сега, после работа, се враќам право дома. Исто така, таа цени што со неа се однесувам достоинствено и со почит, што самиот донесов одлука да не пијам алкохол и што повеќе не сум суров човек. Во 2015 год., бев именуван да служам како старешина за да помагам околу пастирската грижа за нашето собрание. Три, од нашите пет деца, се крстени.

 Кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, не го прифаќав слепо она за кое ме поучуваа. Но, бев воодушевен од тоа што тие ја користеа Библијата за да одговорат на моите прашања. Јас и Сколастик сфативме дека оние што тврдат дека му служат на вистинскиот Бог треба да живеат во склад со неговите мерила, а не да ги разводнуваат. Многу сум благодарен што Јехова ме привлече кон себе и што сега сум дел од неговото духовно семејство. Кога размислувам за мојот живот, уверен сум дека, со помош од Бог, секое искрено лице може да ги направи потребните промени за да го радува.