Префрли се на текстот

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Бев како темпирана бомба“

„Бев како темпирана бомба“
  • Роден: 1975

  • Земја: Мексико

  • Некогаш: насилен човек и затвореник

МОЕТО МИНАТО

 Роден сум во Сан Хуан Чанкалаито, гратче во државата Чиапас (Мексико). Припаѓам на народот Чол, кој потекнува од Маите. Јас сум петтото од дванаесетте деца на моите родители. Кога бев мал, јас и моите браќа и сестри ја проучувавме Библијата со Јеховините сведоци. За жал, јас не го применував она што го учев.

 На 13 години веќе се дрогирав и крадев. Некаде во тоа време си заминав од дома. Лутав од место во место. На 16 години, почнав да работам на плантажа со марихуана. Таму работев околу една година. Една вечер, додека пренесувавме со брод големи количини на марихуана, бевме нападнати од членови на еден друг наркокартел кои беа наоружани до заби. Тие почнаа да пукаат по нас. Едвај успеав да спасам жива глава така што се фрлив во реката и пливав по течението. По таа случка пребегав во САД.

 Во САД продолжив да препродавам дрога и заглавив уште подлабоко. На 19 години бев уапсен и осуден на казна затвор за кражба и обид за убиство. Во затворот се приклучив на една банда и продолжив да се однесувам насилнички. Затоа бев преместен во затвор со максимално обезбедување во Луисбург (Пенсилванија, САД).

 Во затворот во Луисбург станував сѐ полош. Бидејќи си ги имав истетовирано симболите на бандата на која припаѓав, членовите од истата банда во овој затвор брзо ме прифатија. Како што минуваше времето, станував сѐ поагресивен и запаѓав од една во друга тепачка. Еднаш учествував во една тепачка меѓу банди во затворскиот двор. Тепачката беше безмилосна, на сите страни летаа бејзбол палки и тегови. За да ја прекинат, стражарите фрлија солзавец. Поради оваа случка, бев преместен во посебниот оддел за опасни затвореници. Бев како темпирана бомба и многу пцуев. Не ми беше никаков проблем да натепам некого, па дури и уживав во тоа. Немав ни трошка грижа на совест за моите постапки.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

 Во одделот за опасни затвореници, поголемиот дел од денот морав да бидам во ќелијата. За побрзо да ми помине времето почнав да ја читам Библијата. Еднаш, еден од чуварите ми ја даде книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. a Додека ја читав оваа книга, се потсетив на работите што ги учев како дете кога ја проучував Библијата со Јеховините сведоци. Почнав да размислувам за тоа колку ниско сум паднал поради мојот насилен карактер. Размислував и за моето семејство. Две од моите сестри станаа Јеховини сведоци. Во еден момент си помислив: „Тие ќе живеат засекогаш“. Потоа си реков: „А зошто јас да не живеам засекогаш?“ Од тој момент бев цврсто решен да се сменам.

 Сепак, бев свесен дека сам нема да можам да се сменам. Најпрво му се помолив на Јехова Бог и го преколнував да ми помогне. Потоа, напишав писмо до подружницата на Јеховините сведоци во САД и побарав библиски курс. Подружницата се погрижи локалните Јеховини сведоци да стапат во контакт со мене. Во тој период ми беа дозволени посети само од семејството. Бидејќи не можеше да ме посетува, еден Јеховин сведок кој живееше во близина почна да ми праќа охрабрувачки писма и библиска литература. Ова ја зголеми мојата решеност да се сменам.

 Еден важен чекор што го направив беше тоа што решив да ја напуштам бандата чиј член бев со години. Водачот на бандата исто така беше во одделот за опасни затвореници. Еднаш кога имавме слободни активности во затворот, му кажав дека сакам да станам Јеховин сведок. Бев изненаден кога ми рече: „Ако стварно сакаш да станеш Јеховин сведок, нема проблем. Нејќам да си имам работа со Бог. Ама ако ова ти е само изговор за да излезеш од бандата, знаеш што те чека“.

 Во текот на следните две години, вработените во затворот почнаа да забележуваат дека се менувам и затоа го сменија односот кон мене. На пример, повеќе не ми ставаа лисици кога ме носеа да се капам. Еден стражар дури ме поттикна да не се откажувам и да продолжам да правам промени. Всушност, одговорните во затворот одлучија последната година од мојата казна да ја одлежам во затвореничкиот камп со минимално обезбедување, кој беше во близина на затворот. Во 2004 год., откако отслужив 10 години, бев ослободен и депортиран во Мексико со затворскиот автобус.

 Кога пристигнав во Мексико, веднаш побарав сала за состаноци на Јеховините сведоци. На првиот состанок на кој присуствував бев облечен во затворската униформа — тоа беше единствената пристојна облека што ја имав. И покрај мојот изглед, Јеховините сведоци срдечно ме пречекаа. Кога ја видов нивната љубов, си реков дека ова мора да се вистински христијани (Јован 13:35). На состанокот, старешините од собранието се погрижија некој да ја проучува Библијата со мене. Една година подоцна, на 3 септември 2005 год., се крстив и станав Јеховин сведок.

 Во јануари 2007 год., почнав да одвојувам 70 часа месечно за да ги поучувам другите за Библијата. Во 2011 год., присуствував на Библиската школа за неженети браќа (сега наречена Школа за полновремени објавители). Оваа школа многу ми помогна да можам подобро да си ги вршам одговорностите во собранието.

Сега многу сакам да им помагам на другите да бидат мирољубиви

 Во 2013 год., се оженив за Пилар. Кога ѝ раскажувам за моето минато, тешко ѝ е да поверува каков човек сум бил. Никогаш повторно не се вратив на стариот начин на живот. И јас и жена ми сме уверени дека тоа што се сменив од корен е доказ за тоа колку голема моќ има Библијата да промени нечиј живот (Римјаните 12:2).

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

 Мислам дека зборовите на Исус во Лука 19:10 важат за мене. Таму пишува дека тој дошол да го најде и да го спаси она што е загубено. Повеќе не се чувствувам празно и изгубено, и не сум опасен за луѓето околу мене. Благодарение на Библијата, сега имам вистинска смисла во животот, добри односи со другите и, најважно од сѐ, пријателство со мојот Творец, Јехова.

[ФУСНОТА]

a Оваа книга е издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати. Сега главна публикација со која Јеховините сведоци ги поучуваат луѓето за Библијата е книгата Радувај му се на животот засекогаш