Префрли се на текстот

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Најголемата награда во мојот живот

Најголемата награда во мојот живот
  • РОДЕН: 1967

  • ЗЕМЈА: ФИНСКА

  • НЕКОГАШ: ПРОФЕСИОНАЛЕН ТЕНИСЕР

МОЕТО МИНАТО

 Пораснав во градот Тампере (Финска), во едно мирно предградие богато со зеленило. Моите родители не беа многу религиозни, но го ценеа образованието и добрите манири. Мајка ми е Германка, па така кога бев мал, понекогаш одев кај баба ми и дедо ми во Западна Германија.

 Уште како дете го засакав спортот. Се занимавав со разни спортови, но кога имав околу 14 години, решив да се посветам на тенисот. На 16 години имав два до три тренинга дневно — два пати со професионален тренер, а навечер тренирав сам. Тенисот ме воодушевуваше во секој поглед. Овој спорт беше вистински предизвик за мојата ментална и физичка издржливост. Иако сакав да се дружам со пријателите и одвреме-навреме да одиме да се напиеме по некое пиво, никогаш не се опивав ниту користев дрога. Целиот мој живот се вртеше околу тенисот — ништо друго не ми беше поважно.

 Кога имав 17 години, почнав да учествувам на АТП турнири. a Откако освоив неколку турнири, станав познат во мојата земја. На 22 години бев меѓу 50-те најдобри тенисери во светот.

 Со години патував во разни земји и професионално играв тенис. Видов прекрасни места, но станав свесен и за многу глобални проблеми, како што се криминалот, дрогата и загадувањето. На пример, кога бев во САД, ни рекоа да не одиме во некои квартови поради високата стапка на криминал. Сето тоа многу ме вознемируваше. Освен тоа, иако правев нешто што многу го сакав, сепак се чувствував празно.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

 Девојка ми Сана почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Ми беше по малку смешно тоа што се интересираше за религија, но немав ништо против тоа да проучува. Се зедовме во 1990 год., а една година подоцна таа се крсти како Јеховин сведок. Не се сметав себеси за религиозна личност, но верував дека постои Бог. Се сеќавам како баба ми од Германија често читаше од Библијата, па дури и ме научи да се молам.

 Еднаш, јас и Сана бевме на гости кај еден брачен пар Јеховини сведоци. Сопругот, Кари, ми покажа едно библиско пророштво за „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5). Тоа ми остави силен впечаток бидејќи сфатив зошто се случуваат толку лоши работи во светот. Во таа прилика повеќе не зборувавме за религија. Сепак, оттогаш почнавме да водиме разговори со Кари за Библијата, и сѐ што дознавав ми имаше смисла. Поради тоа што бев многу зафатен и често патував, не успевавме редовно да се гледаме, но тој не се откажуваше. На прашањата што му ги поставував додека ја проучувавме Библијата ми одговараше преку писма. Видов дека во Библијата има логичен одговор на сите важни прашања за животот, и малку по малку почнав да сфаќам која е нејзината главна тема — дека Бог ќе ја исполни својата намера преку своето Царство. Тоа што го дознав Божјето име, Јехова, и што сфатив што направил тој за нас ми остави силен впечаток (Псалм 83:18). Најмногу ме трогна откупната жртва — таа не е некоја техничка или правна формалност, туку израз на Божјата љубов (Јован 3:16). Дознав и дека можам да станам Божји пријател и да живеам засекогаш во рајот на Земјата (Јаков 4:8). Почнав да се прашувам: „Како можам да покажам дека сум му благодарен на Бог?“

 Длабоко размислив за мојот живот. Од Библијата научив дека најголемата среќа во животот произлегува од давањето, и имав желба да им кажувам на другите за моите верувања (Дела 20:35). Бидејќи професионално се занимавав со спорт и учествував на многу турнири, бев отсутен од дома околу 200 дена годишно. Во нашето семејство сѐ се вртеше околу мене — моите тренинзи, мојата рутина, мојата кариера. Ми беше јасно дека мора нешто да сменам.

 Знаев дека многумина нема да ме разберат ако ја напуштам мојата успешна кариера од верски причини. Но, можноста подобро да го запознаам Јехова и да добијам вечен живот беше далеку повредна од која и да било награда што би можел да ја освојам на тениските натпревари, па затоа не ми беше тешко да одлучам што ќе правам. Бев решен да не обрнувам внимание на тоа што ќе речат другите — одлуката беше моја. Во врска со тој притисок, многу ми помогна стихот од Псалм 118:6: „Јехова е на мојата страна; нема да се плашам. Што може да ми направи земен човек?“

 Токму во тој период, добив една многу примамлива понуда од спонзорите — да склучам договор кој ќе ми овозможи со години професионално да играм тенис без да се грижам за ништо. Но, тоа не ме поколеба. Ја одбив понудата, и по некое време престанав да учествувам на АТП турнирите. Продолжив да ја проучувам Библијата и се крстив како Јеховин сведок на 2 јули 1994 год.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

 Во мојот случај, не мораше да ми се случи некоја трагедија за да почнам да размислувам за Бог ниту, пак, бев личност која ја бараше вистината. Сметав дека имам убав живот и дека не е фер да барам нешто повеќе. Сепак, изгледаше како библиската вистина да чекаше да ја пронајдам. Сосема неочекувано дознав дека животот има подлабока смисла, и мојот живот толку многу се подобри што не сум можел ни да си замислам. Нашето семејство никогаш не било толку поврзано и цврсто како сега. И многу сум среќен што нашите три сина зачекорија по моите стапки — но не како спортисти, туку како христијани.

 Сѐ уште сакам да играм тенис. Низ годините заработував така што се бавев со разни работи поврзани со тенисот, на пример, работев како тренер и во управата на еден тениски центар. Сепак, спортот повеќе не ми е најважното нешто во животот. Во минатото секоја седмица тренирав со часови за да станам подобар тенисер, да станам шампион. Но сега, секоја седмица поминувам повеќе часови помагајќи им на луѓето да ги дознаат и да ги применуваат принципите од Библијата што ми го сменија животот. Денес сум многу среќен затоа што пријателството со Јехова ми е на прво место и затоа што можам да зборувам со другите за мојата надеж за подобра иднина (1. Тимотеј 6:19).

a АТП е кратенка за „Асоцијација на тениски професионалци“. Ова здружение организира професионални тениски турнири за мажи на кои играчите добиваат поени, а победниците добиваат и парични награди. Вкупниот број на поени што некој ќе го освои на турнирите го одредува неговото место на светската ранг листа.