Префрли се на текстот

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Самиот си копав гроб“

„Самиот си копав гроб“
  • Роден: 1978

  • Земја: Ел Салвадор

  • Некогаш: Насилен член на банда

МОЕТО МИНАТО

 „Ако навистина сакаш да дознаеш кој е Бог, продолжи да проучуваш со Јеховините сведоци.“ Воопшто не очекував да ги слушнам тие зборови. Тогаш веќе некое време ја проучував Библијата со Сведоците. Но, за да разберете зошто таа изјава многу ме изненади, да ви раскажам нешто за мене.

 Роден сум во Кесалтепеке, град во Ел Салвадор. Бев шестото од вкупно 15 деца. Родителите се трудеа да ме воспитаат да бидам чесен и да го почитувам законот. Освен тоа, Леонардо, како и други Јеховини сведоци, одвреме-навреме доаѓаа да нѐ поучуваат за Библијата. Но, не обрнував внимание на она што го учев и почнав да донесувам лоши одлуки. Кога имав 14 години, почнав да пијам и да се дрогирам заедно со школските другари. Еден по еден, тие прекинуваа со школувањето и стануваа членови на банди, а јас се поведов по нивниот лош пример. Времето го минувавме на улица, каде што изнудувавме пари и крадевме за да продолжиме да пиеме и да се дрогираме.

 Бандата ми стана како семејство. Бев убеден дека мора да ѝ бидам лојален. На пример, еднаш еден другар кој беше издрогиран започна тепачка со еден мој сосед. Додека се тепаа, соседот успеа да го совлада и да повика полиција. Кога го видов тоа, почнав бесно да удирам по неговата кола со голема палка за да го натерам да го пушти мојот другар. Соседот ме молеше да престанам, но јас не сакав да го слушам. Му ги испокршив сите прозорци и му ја уништив целата кола.

 Кога имав 18 години, мојата банда се степа со група полицајци. Додека се спремав да фрлам рачно направена бомба, нешто се случи и таа ми експлодира во раката. Се сеќавам како видов дека раката ми е разнесена, и потоа паднав во несвест. Кога се освестив во болницата, ми кажаа дека сум останал без десната рака, дека сум го изгубил слухот на десното уво и дека речиси сосема сум го изгубил видот на десното око.

 И покрај сите тие повреди, кога ме пуштија од болницата, повторно се вратив кај бандата. Но, кратко потоа бев уапсен и ставен во затвор. Таму моите врски со бандата станаа уште поцврсти. По цел ден бевме заедно — од појадокот, кога ја пушевме првата марихуана, па сѐ додека не си легневме.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

 Додека бев в затвор, ме посети Леонардо. Во текот на разговорот, тој ја посочи тетоважата на мојата десна рака и ме праша: „Знаеш ли што значат овие три тетовирани точки?“ „Како не“, реков. „Секс, дрога и рокенрол.“ Но, Леонардо ми рече: „Грешка си. Тие значат болница, затвор и смрт. Веќе беше во болница, а сега си во затвор. Знаеш што е следното“.

 Овие негови зборови ме допреа до срце. Беше во право. Со начинот на кој живеев, сам си копав гроб. Леонардо ми понуди да ја проучува Библијата со мене, и јас прифатив. Она што го дознав од неа ме поттикна да направам промени во животот. На пример, Библијата вели дека „лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33). Затоа, првата работа што морав да ја сменам беше друштвото. Од таа причина престанав да одам на средбите со бандата и, наместо тоа, почнав да одам на состаноците што Јеховините сведоци ги одржуваа во затворот. На еден од тие состаноци се запознав со друг затвореник, кој се викаше Андрес и кој се крстил како Јеховин сведок во самиот затвор. Тој ме викна да седиме заедно на појадок. Оттогаш престанав да го почнувам денот со марихуана. Наместо тоа, јас и Андрес секое утро разгледувавме заедно по еден библиски стих.

 Членовите на бандата веднаш ги забележаа промените кај мене. Затоа еден од главните ми рече дека сака да разговараме. Бев многу уплашен. Не знаев што ќе ми направи кога ќе му кажам за мојата намера, бидејќи е речиси невозможно некој да излезе од банда. Тој ми рече: „Гледаме дека веќе не доаѓаш на нашите средби туку одиш на состаноците на Јеховините сведоци. Што планираш да правиш?“ Му одговорив дека сакам да продолжам да ја проучувам Библијата и да го сменам начинот на живот. Многу се изненадив кога ми рече дека бандата ќе ме почитува ако навистина докажам дека сакам да станам Јеховин сведок. А потоа додаде: „Ако навистина сакаш да дознаеш кој е Бог, продолжи да проучуваш со Јеховините сведоци. Очекуваме дека ќе престанеш да постапуваш лошо. Ти честитам. Ти си на вистинскиот пат. Јеховините сведоци навистина можат да ти помогнат. Тие ја проучуваа Библијата со мене додека бев во САД, и некои од моето семејство се Јеховини сведоци. Не плаши се — само напред!“ Сѐ уште чувствував страв, но истовремено бев пресреќен. Во себе му се заблагодарив на Јехова Бог. Се чувствував како птица пуштена од кафез! Тогаш сфатив што сакал да каже Исус со зборовите: „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).

 Сепак, некои од поранешните пријатели ме ставаа на искушение така што ми нудеа дрога. Мора да признаам дека неколкупати попуштив. Но, со текот на времето и по многу горливи молитви конечно успеав да се изборам со моите пороци (Псалм 51:10, 11).

 Кога бев пуштен од затвор, многумина мислеа дека ќе се вратам на стариот живот. Но, не беа во право. Наместо тоа, сега често се враќам во затворот за да го споделам со другите затвореници она што го научив од Библијата. На крајот, моите поранешни пријатели се уверија дека се променив. За жал, ова не беше случај и со моите поранешни непријатели.

 Еден ден, додека бев во служба со еден брат, одненадеж се најдовме опколени од вооружена група. Тоа беа членови на една поранешна противничка банда, кои сакаа да ме убијат. Братот што беше со мене љубезно, но храбро им објасни дека веќе не сум член на банда. Во меѓувреме, се обидов да останам смирен. Откако ме претепаа и ме предупредија повеќе да не доаѓам таму, го спуштија оружјето и нѐ пуштија да си заминеме. Библијата навистина ми го смени животот. Порано ќе се обидев да им се одмаздам. Но, сега сум послушен на библискиот совет од 1. Солуњаните 5:15, каде што стои: „Гледајте никој никому да не му враќа зло за зло, туку секогаш настојувајте да правите добро еден на друг и на сите останати“.

 Откако станав Јеховин сведок, се трудам да бидам чесен човек иако тоа не е секогаш лесно. Сепак, успевам благодарение на Јехова Бог, на советите од неговата Реч и на поддршката од моите нови пријатели. Никогаш не би сакал да се вратам на она што го правев порано (2. Петрово 2:22).

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

 Бев насилен човек полн со гнев. Сигурен сум дека сега немаше да бидам жив ако продолжев по тој лош пат. Она што го научив од Библијата ме смени од корен. Ми помогна да се изборам со моите пороци. Ме научи да живеам во мир со моите поранешни непријатели (Лука 6:27). Освен тоа, сега имам пријатели кои ми помагаат да развивам убави особини (Изреки 13:20). Водам среќен и исполнет живот, служејќи му на Јехова, Богот кој беше спремен да ми прости за сите лоши работи што ги правев порано (Исаија 1:18).

 Во 2006 год., присуствував на една посебна школа за обука на христијани што не се во брак. Неколку години подоцна, се оженив со мојата прекрасна жена, со која имаме една ќерка. Сега трошам многу време за да ги поучувам другите за библиските начела од кои извлеков голема корист. Исто така, служам како старешина во моето собрание, и се трудам да им помагам на младите да не ги направат грешките што јас ги направив на нивни години. Наместо да си копам гроб, сега давам сѐ од себе за да го освојам вечниот живот кој Бог го ветува во Библијата.