Што им се случувало на Јеховините сведоци за време на Холокаустот?
Од околу 35.000 Јеховини сведоци кои живееле во Германија и во земјите под нацистичка окупација, околу 1.500 од нив умреле за време на Холокаустот. Не се познати причините за смртта на секој од нив. Бидејќи истрагата е сѐ уште во тек, може ќе се дојде до нови сознанија во врска со бројките и други детали.
Како умреле?
Погубувања: Речиси 400 Сведоци биле погубени во Германија и во земјите под нацистичка окупација. Повеќето жртви биле изведени пред суд, осудени на смрт и обезглавени. Други биле стрелани или обесени без претходно официјално да им се суди.
Тешки затворски услови: Повеќе од 1.000 Сведоци умреле во нацистичките концентрациони логори и затвори. Тие биле принудувани да работат до смрт или умреле како последица од мачење, глад, студ, болести или немање медицинска нега. Поради суровото малтретирање што го претрпеле, други умреле набрзо откако биле ослободени по завршувањето на Втората светска војна.
Други причини: Некои Сведоци биле убиени во гасни комори, подложени на смртоносни медицински експерименти или им била ставена смртоносна инјекција.
Зошто биле прогонувани?
Јеховините сведоци биле прогонувани затоа што се држеле за библиските учења. Кога нацистичките власти барале од Сведоците да направат нешто што Библијата го осудува, тие одлучно одбиле. Одлучиле да му бидат послушни на начелото: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:29). Да разгледаме две подрачја на кои се држеле за ова начело.
Да останат политички неутрални. Исто како Сведоците низ целиот свет денес, и Јеховините сведоци кои живееле за време на нацистичкото владеење биле неутрални во поглед на политиката (Јован 18:36). Затоа одбиле:
Да одат во војска или на кој било начин да поддржуваат воени цели (Исаија 2:4; Матеј 26:52).
Да гласаат на избори или да стапат во некоја нацистичка организација (Јован 17:16).
Да ја поздрават свастиката, односно кукестиот крст, или да речат „хајл Хитлер“ (Матеј 23:10; 1. Коринќаните 10:14).
Да продолжат со своите верски активности. И покрај тоа што нивните верски активности биле забранети, Јеховините сведоци продолжиле:
Да се состануваат за да се молат и да го обожаваат Бог (Евреите 10:24, 25).
Да ја проповедаат библиската порака и да делат библиска литература (Матеј 28:19, 20).
Убаво да се однесуваат со сите, вклучувајќи ги и Евреите (Марко 12:31).
Да се држат за своите верувања, одбивајќи да потпишат документ во кој се откажуваат од нив (Марко 12:30).
Професор Роберт Герварт изјавил дека Јеховините сведоци биле „единствената група луѓе во Третиот рајх кои биле прогонувани исклучиво поради нивните верски убедувања“. a Другите затвореници во логорите им се восхитувале на Јеховините сведоци поради тоа што цврсто се држеле за своите верувања. Еден затвореник од Австрија рекол: „Тие не одат во војна. Спремни се попрво да бидат убиени отколку да убијат некого“.
Каде умреле?
Концентрациони логори: Повеќето Јеховини сведоци умреле во концентрациони логори. Тие биле ставени во логорите Аушвиц, Бухенвалд, Дахау, Заксенхаузен, Матхаузен, Нидерхаген, Нојенгаме, Равенсбрук, Флосенбург и други. Потврдено е дека само во Заксенхаузен умреле околу 200 Јеховини сведоци.
Затвори: Во затворите, некои Сведоци биле мачени до смрт. Други им подлегнале на повредите што им биле нанесени кога биле испрашувани.
Места каде што биле погубени: Јеховините сведоци главно биле погубени во затворите Берлин-Плецензе, Бранденбург и Хале/Зале. Освен во овие затвори, има докази дека Сведоци биле погубени и на уште околу 70 други локации.
Некои од оние што биле погубени
Име: Хелене Готхолд
Погубена во: Плецензе (Берлин)
Хелене, сопруга и мајка на две деца, била уапсена неколку пати. За време на едно испрашување во 1937 година била толку малтретирана што го изгубила нероденото бебе. На 8 декември 1944 година била погубена на гилотина во затворот Плецензе во Берлин.
Име: Герхард Либолд
Погубен во: Бранденбург
Дваесетгодишниот Герхард бил обезглавен на 6 мај 1943 година, две години откако татко му бил обезглавен во истиот затвор. Во своето проштално писмо до своето семејство и до свршеницата напишал: „Без силата од Господарот, немаше да го изодам овој пат“.
Име: Рудолф Аушнер
Погубен во: Хале/Зале
Рудолф имал само 17 години кога на 22 септември 1944 година бил обезглавен. Во своето проштално писмо ѝ пишал на мајка му: „Многу браќа го изодија овој пат, ќе го изодам и јас“.
a Hitler’s Hangman: The Life of Heydrich, страница 105.