Дали Јеховините сведоци имаат своја Библија?
Кога ја проучуваат Библијата, Јеховините сведоци користат разни преводи. Но, на оние јазици на кои е достапен, особено го цениме преводот Свето писмо — превод Нов свет затоа што во него се користи Божјето име, затоа што е точен и затоа што е јасен.
Се користи Божјето име. Некои издавачи на Библијата пропуштиле да му оддадат слава на нејзиниот Автор. На пример, во еден превод на Библијата се наведени имињата на повеќе од 70 луѓе кои, на некој начин, придонеле тој да биде направен. Сепак, во истата таа Библија никаде не се спомнува името на нејзиниот Автор — Јехова Бог!
Од друга страна, во преводот Нов свет, Божјето име го има на илјадници места — секаде каде што го имало во изворниот текст. Но, никаде не ги читаме имињата на оние што беа одговорни да се направи тој превод.
Точен. Сите преводи на Библијата не ја пренесуваат точно нејзината порака. На пример, во еден превод, Матеј 27:40 е преведен вака: „Ако си Син Божји, слегни од крстот!“ Меѓутоа, во изворниот текст се користи изразот „столб“, а не „крст“. Можно е преведувачите да го вметнале зборот „крст“ затоа што верувале дека Исус умрел на крст. Но, во Библијата нема никаква поткрепа за таквото верување. Затоа, во преводот Нов свет овој стих точно е преведен вака: „Ако си син Божји, слези од столбот!“
Јасен. Еден добар превод не само што треба да биде точен туку и јасен, лесен за разбирање. Да разгледаме еден пример. Во Матеј 5:3, Исус употребил еден израз кој буквално значи „блажени се бедните по дух“. Бидејќи овој израз не е толку јасен на нашиот современ јазик, во преводот Нов свет, овој стих е преведен на поразбирлив начин. Тој гласи: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“.
Видовме дека во преводот Нов свет се користи Божјето име, дека тој е точен и јасен. Но, овој превод се одликува и со уште нешто: секој може да го добие бесплатно. Како резултат на тоа, милиони луѓе можат да ја читаат Библијата на својот мајчин јазик — дури и оние што инаку не би можеле да си дозволат Библија.