Дали Јеховините сведоци се против вакцинирање?
Не. Јеховините сведоци не се против вакцинирање. Ние сметаме дека тоа е лична одлука која треба да ја донесе секој поединечно. Многу Јеховини сведоци одлучија да се вакцинираат.
Ние сакаме квалитетна медицинска нега и го цениме големиот напредок во медицината со кој се намалува ризикот од сериозни болести. Благодарни сме за самопожртвуваноста и посветеноста на здравствените работници, особено во кризни времиња.
Јеховините сведоци соработуваат со службите на јавното здравство. На пример, од самиот почеток на пандемијата со коронавирусот (COVID-19), Јеховините сведоци преку својата интернет-страница, која е достапна на стотици јазици, редовно им даваат потсетувања на луѓето да се држат за мерките на претпазливост кои ги препорачуваат локалните власти. Во нив се нагласува колку е важно да се држи физичка дистанца и да се почитуваат упатствата во врска со јавните собири, карантинот, миењето на рацете и носењето заштитни маски, како и другите практични мерки што ги бараат или препорачуваат властите (Римјаните 13:1, 2).
Веќе со децении, во публикациите на Јеховините сведоци се истакнуваат следните библиски начела:
Одлуките поврзани со лекувањето се лична работа (Галатите 6:5).
„[Ова списание] не се залага за некој посебен начин на лекување и не нуди медицински совети. Тоа само ги изнесува фактите и му препушта на читателот самиот да донесе одлука“ (Разбудете се! од 8 февруари 1987, англиско издание).
„Дали вие и вашите деца ќе се вакцинирате е лична одлука која треба самите да ја донесете“ (Разбудете се! од 22 август 1965, англиско издание).
Ние бараме медицинска помош бидејќи многу го цениме животот (Дела 17:28).
„Кога имаат здравствени проблеми, Јеховините сведоци бараат стручна медицинска помош. Тие го ценат животот и сакаат да направат сѐ што е можно во разумна мера и што е во склад со библиските начела за да живеат подолго“ (Стражарска кула од 1 јули 1975, англиско издание).
„Јеховините сведоци немаат ништо против медицината и лекувањето. Тие сакаат да имаат добро здравје и долг живот. Всушност, некои Јеховини сведоци по професија се лекари, како што бил и Лука, христијанин од првиот век... Јеховините сведоци многу ги ценат трудот и посветеноста на медицинските лица. Исто така, благодарни им се на лекарите за она што го прават за болните“ (Стражарска кула од 1 февруари 2011).