Зошто Јеховините сведоци не даваат одговор на секое обвинение против нив?
Јеховините сведоци го следат библискиот совет да не се бранат секогаш кога некој ги обвинува или исмејува. На пример, една библиска изрека вели: „Кој го опоменува потсмевачот, си навлекува срам“ (Изреки 9:7, 8; 26:4). Наместо да се вознемируваме околу сѐ што ќе кажат другите за нас и да влегуваме во непотребни расправии, се трудиме да го радуваме Бог (Псалм 119:69).
Библијата вели дека има „време за молчење и време за зборување“ (Проповедник 3:7). Се разбира дека ќе им дадеме одговор на оние што искрено сакаат да ја знаат вистината, но се трудиме да не навлегуваме во непотребни дебати. Така ги следиме учењата и примерот на Исус и на првите христијани.
Исус не се бранел кога бил лажно обвинет пред Пилат (Матеј 27:11-14; 1. Петрово 2:21-23). Исто така, Исус не рекол ништо кога другите го обвиниле дека е пијаница и ненаситник. Наместо тоа, оставил делата да зборуваат наместо него, во склад со начелото: „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Матеј 11:19). Сепак, во некои ситуации храбро им се спротивставил на оние што го клеветеле (Матеј 15:1-3; Марко 3:22-30).
Исус ги поучил своите следбеници да не се обесхрабрат кога некој лажно ги обвинува. Тој рекол: „Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат и лажно ви припишуваат секакви зла“ (Матеј 5:11, 12). Но, Исус рекол и дека, кога поради таквите обвиненија ќе им се укаже можност да дадат сведоштво, тој ќе го исполни тоа што им го ветил: „Ќе ви дадам зборови и мудрост на која сите ваши противници заедно не ќе можат да им се спротивстават, ниту ќе можат да ги оспорат“ (Лука 21:12-15).
Апостол Павле им дал совет на христијаните да не се впуштаат во бесцелни дискусии со противниците. Всушност, таквите расправии ги нарекол бескорисни и залудни (Тит 3:9; Римјаните 16:17, 18).
Апостол Петар ги поттикнал христијаните да ги бранат своите верувања секогаш кога тоа е можно (1. Петрово 3:15). Сепак, рекол дека делата честопати се подобра одбрана од зборовите. Тој напишал: „Правејќи добро да ги замолкнете неразумните луѓе, кои го зборуваат она во кое не се упатени“ (1. Петрово 2:12-15).