Што веруваат Јеховините сведоци?
Како Јеховини сведоци, ние се трудиме да се држиме за учењата на Исус и да му служиме на Бог исто како што му служеле апостолите. Во оваа статија накратко ќе ги објасниме нашите главни верувања.
Бог. Ние му служиме на единствениот вистински Бог, на Семоќниот Творец, чие име е Јехова (Псалм 83:18; Откровение 4:11). На тој Бог му служеле Авраам, Мојсеј и Исус (2. Мојсеева 3:6; 32:11; Јован 20:17).
Библија. Сметаме дека Библијата, односно Светото писмо, е порака за луѓето од Бог (Јован 17:17; 2. Тимотеј 3:16). Нашите верувања ги темелиме и на „Стариот завет“ и на „Новиот завет“, односно на целата Библија, која се состои од вкупно 66 книги. Џејсон Д. Бидан, вонреден професор по теологија, укажал на ова кога напишал дека Јеховините сведоци „ги темелат своите верувања и постапки исклучиво на текстот што стои во Библијата, без однапред да имаат донесено заклучок што треба да пишува во неа“. a
Иако ја прифаќаме целата Библија, не сметаме дека сѐ што стои во неа треба да се сфати буквално. Свесни сме дека во некои библиски стихови се користи симболика и дека немаат дословно значење (Откровение 1:1).
Исус. Ги следиме учењата и примерот на Исус Христос, и го почитуваме како Божји Син и како наш Спасител (Матеј 20:28; Дела 5:31). Значи, ние сме христијани (Дела 11:26). Сепак, од Библијата дознаваме дека Исус не е Семоќниот Бог и дека нема библиска основа да се верува во учењето за тројство, односно за Света Троица (Јован 14:28).
Божјето Царство. Тоа не е нешто во срцето на христијаните, туку е вистинска влада која веќе е воспоставена на небото. Ова Царство ќе ги замени човечките влади и ќе ја исполни Божјата намера со Земјата (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10). Тоа ќе се случи наскоро бидејќи библиските пророштва покажуваат дека сега живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5; Матеј 24:3-14).
Исус е Цар на Божјето Царство. Тој започнал да владее како Цар од небото во 1914 год. (Откровение 11:15).
Спасение. Откупната жртва на Исус ни овозможува да бидеме спасени од гревот и од смртта (Матеј 20:28; Дела 4:12). За да имаат корист од таа жртва, луѓето мора да покажуваат вера во Исус. Но, тоа не е доволно. Тие треба да го променат својот начин на живот и да се крстат (Матеј 28:19, 20; Јован 3:16; Дела 3:19, 20). Верата се докажува со дела (Јаков 2:24, 26). Сепак, ова не значи дека можеме да го заработиме спасението. Тоа е дар што Бог ни го дава поради својата „незаслужена доброта“ (Галатите 2:16, 21).
Небо. Јехова Бог, Исус Христос и верните ангели престојуваат на небото, во духовниот свет b (Псалм 103:19-21; Дела 7:55). Релативно мал број луѓе — 144.000 — воскреснуваат за да живеат на небото и да владеат заедно со Исус во Божјето Царство (Даниел 7:27; 2. Тимотеј 2:12; Откровение 5:9, 10; 14:1, 3).
Земја. Бог ја создал Земјата за луѓето да живеат на неа засекогаш (Псалм 104:5; 115:16; Проповедник 1:4). На сите луѓе што му се послушни, Бог ќе им даде совршено здравје и вечен живот во рајот на Земјата (Псалм 37:11, 34).
Зло и страдање. Злото и страдањето се појавиле кога еден ангел се побунил против Бог (Јован 8:44). Овој ангел, кој после побуната бил наречен „Сатана“ и „Ѓавол“, ги убедил првите луѓе, Адам и Ева, да му се придружат. Ова водело до страшни последици за целиот човечки род (1. Мојсеева 3:1-6; Римјаните 5:12). За да се одговори на спорните прашања кои ги покренал Сатана, Бог дозволил да постојат зло и страдања. Но, тие нема да траат засекогаш — наскоро тој ќе им стави крај.
Смрт. Кога ќе умрат, луѓето едноставно престануваат да постојат (Псалм 146:4; Проповедник 9:5, 10). Тие не трпат вечни маки во пекол.
Бог ќе воскресне милијарди луѓе што починале (Дела 24:15). Но, оние што нема да сакаат да постапуваат според Божјата волја ќе бидат уништени засекогаш (Откровение 20:14, 15).
Семејство. Ние живееме во склад со мерилото за бракот кое Бог го дал во почетокот. Неговата намера била бракот да биде заедница меѓу еден маж и една жена. Прељубата е единствената оправдана причина за развод (Матеј 19:4-9). Уверени сме дека мудрите совети од Библијата можат да им помогнат на семејствата да бидат среќни (Ефешаните 5:22 — 6:1).
Како му служиме на Бог. Не употребуваме крст, икони или кипови (5. Мојсеева 4:15-19; 1. Јованово 5:21). Му служиме на Бог така што:
Му се молиме (Филипјаните 4:6).
Ја читаме и ја проучуваме Библијата (Псалм 1:1-3).
Длабоко размислуваме за она што го учиме од Божјата Реч (Псалм 77:12).
Се состануваме за да се молиме, да ја проучуваме Библијата, да му пееме фалбени песни на Бог, да разговараме за она во што веруваме, и да ги храбриме нашите соверници и другите (Колошаните 3:16; Евреите 10:23-25).
Ја проповедаме добрата вест за Царството (Матеј 24:14).
Им помагаме на оние што имаат потреба од помош (Јаков 2:14-17).
Градиме и одржуваме сали за состаноци, како и други објекти кои се користат за да се шири нашето библиско образовно дело низ целиот свет (Псалм 127:1).
Пружаме хуманитарна помош кога ќе се случат катастрофи (Дела 11:27-30).
Нашата организација. Ние сме организирани во собранија. За секое од нив се грижат по неколку старешини. Но, тие не се свештени лица и не добиваат плата за она што го прават (Матеј 10:8; 23:8). Не даваме десеток, и на нашите состаноци не се подаваат чинии или кошнички за да се собираат прилози (2. Коринќаните 9:7). Сите наши активности во потполност се поддржуваат со доброволни прилози.
Водечкото тело — една мала група зрели христијани кои служат во нашето главно седиште — им дава водство на Јеховините сведоци низ целиот свет (Матеј 24:45).
Единство. Ние имаме исти верувања без разлика во кој дел од светот живееме (1. Коринќаните 1:10). Освен тоа, меѓу нас нема општествени, етнички, расни или класни поделби (Дела 10:34, 35; Јаков 2:4). Се разбира, ова не значи дека не смееме да размислуваме со своја глава. Секој Јеховин сведок донесува одлуки во склад со својата совест која ја обликува на темел на Библијата (Римјаните 14:1-4; Евреите 5:14).
Нашето однесување. Даваме сѐ од себе за да покажуваме несебична љубов во сѐ што правиме (Јован 13:34, 35). Се трудиме да не правиме работи кои Бог не ги одобрува. На пример, не прифаќаме трансфузија, бидејќи тоа е злоупотреба на крв (Дела 15:28, 29; Галатите 5:19-21). Мирољубиви сме и не учествуваме во војни (Матеј 5:9; Исаија 2:4). Ги почитуваме властите во земјата каде што живееме и послушни сме на законите во државата сѐ додека тие не се косат со Божјите закони (Матеј 22:21; Дела 5:29).
Меѓучовечки односи. Исус заповедал: „Сакај го својот ближен како себеси“. Освен тоа, рекол дека христијаните „не се дел од светот“ (Матеј 22:39; Јован 17:16). Затоа, иако настојуваме „да им правиме добро на сите“, ние сме потполно неутрални во однос на сѐ што е поврзано со политика и не се здружуваме со други религии (Галатите 6:10; 2. Коринќаните 6:14). Сепак, ги почитуваме одлуките што другите ги носат во однос на тие работи (Римјаните 14:12).
Ако имаш и други прашања за верувањата на Јеховините сведоци, можеш да прочиташ нешто повеќе на нашата интернет-страница, да стапиш во контакт со некоја наша подружница, да отидеш на состанок во некоја сала за состаноци која се наоѓа во твоја близина или да разговараш лично со некој Јеховин сведок.
a Види во книгата Truth in Translation, страница 165.
b Злите ангели се исфрлени од небото, но и понатаму живеат во духовниот свет (Откровение 12:7-9).