Зошто Јеховините сведоци не прифаќаат трансфузија на крв?
Вообичаени заблуди
Заблуда: Јеховините сведоци не одат на лекар и не прифаќаат медицинска помош.
Вистина: Ние сакаме да ја добиеме најдобрата можна медицинска грижа за нас и за нашето семејство. Кога имаме здравствени проблеми, бараме помош од лекари кои имаат искуство со бескрвни методи на лекување и кои знаат да извршуваат хируршки зафати без трансфузија на крв. Денес, има голем напредок на полето на медицината. Всушност, бескрвните методи на лекување што се развиени за да им се помогне на пациентите кои се Јеховини сведоци сега успешно се применуваат и на другите луѓе. Во многу земји, секој пациент има право да одбие трансфузија на крв и со тоа да избегне болест која се пренесува преку крв, негативна реакција на имунолошкиот систем, човечка грешка и друго.
Заблуда: Јеховините сведоци сметаат дека верата може да им помогне да се излечат.
Вистина: Ние ниту вршиме ниту прифаќаме исцелување со вера.
Заблуда: Бескрвните методи на лекување се многу скапи.
Вистина: Вкупните трошоци за бескрвно лекување се помали од трошоците за лекувањето во кое е вклучено трансфузија на крв. a
Заблуда: Секоја година, многу Јеховини сведоци, меѓу кои има и деца, умираат поради тоа што не примаат трансфузија на крв.
Вистина: Нема никаква основа за ова тврдење. Хирурзите редовно извршуваат сложени зафати, како на пример, операции на срце, ортопедски операции и трансплантација на органи без употреба на крв. b Пациентите што не примиле крв, меѓу кои има и деца, обично закрепнуваат исто како и другите пациенти што примиле крв, а во некои случаи и побрзо од нив. c Како и да е, никој не може со сигурност да тврди дека некој пациент ќе умре само затоа што одбил да прими крв или дека ќе преживее само затоа што примил крв.
Зошто Јеховините сведоци не примаат крв?
Не примаме крв од верски, а не од медицински причини. И во Стариот завет и во Новиот завет Библијата им дава јасна заповед на сите луѓе да не примаат крв (1. Мојсеева 9:4; 3. Мојсеева 17:10; 5. Мојсеева 12:23; Дела 15:28, 29). Исто така, во Божји очи крвта е света и го претставува животот (3. Мојсеева 17:14). Значи, не примаме крв затоа што сме му послушни на Бог, но и затоа што го почитуваме како наш Творец кој ни го дал животот.
Стручњаците го менуваат своето мислење
Во минатото, повеќето стручњаци сметале дека бескрвната медицина е опасна и дека одбивањето трансфузија на крв е рамно на самоубиство. Но, во последните години тие го променија своето мислење. На пример, во 2004 год. во една статија објавена во медицинско списание пишуваше: „Многу од бескрвните методи кои беа развиени за лекување на пациентите кои се Јеховини сведоци во следните години ќе станат вообичаени методи на лекување“. d Во списанието Heart, Lung and Circulation во 2010 пишуваше дека „бескрвната хирургија не треба да се применува само на Јеховините сведоци туку и на другите пациенти“.
Илјадници лекари низ целиот свет користат разни методи со кои се спречува губитокот на крв, а тоа им помага да изведат посложени хируршки зафати без трансфузија на крв. Ваквите методи се применуваат дури и во земјите во развој. И многу други пациенти кои не се Јеховини сведоци избираат бескрвно лекување.
a Види го списанието Transfusion and Apheresis Science, том 33, бр. 3, стр. 349.
b Види во The Journal of Thoracic and Cardiovascular Surgery, том 134, бр. 2, стр.287-288; Texas Heart Institute Journal, том 38, бр. 5, стр. 563; Basics of Blood Management, стр. 2; и Continuing Education in Anaesthesia, Critical Care & Pain, том 4, бр. 2, стр. 39.
c Види The Journal of Thoracic and Cardiovascular Surgery, том 89, бр. 6, стр. 918; и Heart, Lung and Circulation, том 19, стр. 658.
d Continuing Education in Anaesthesia, Critical Care & Pain, том 4, бр. 2, стр. 39.